„Зелена револуција“ со порака до Министерство за животна средина и до Владата: Доста ЌЕ, акција сега!

„Зелена револуција“ со порака до Министерство за животна средина и до Владата: Доста ЌЕ, акција сега!

Граѓански протест под мотото Марш за чист воздух – #ЗеленаРеволуција ќе се одржи денес во 17 часот пред Министерството за животна средина, соопштија 29 еколошки здруженија од Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Ново Село, Струга, Охрид и други градови и населени места, за исполнување на барањата за спречување на загадувањето и против уништувањето на животната средина. Протестот, кој организаторите го именуваат како граѓански, мирен, натпартиски, мултикултурен во 18 часот ќе продолжи пред Владата.

На протестот, првобитно најавен од Fridays for future Скопје му се придружија и О2 Иницијатива, Не Биди Ѓубре, Скопје Смог Аларм, Мој Воздух, Движење за чист воздух, Го Сакам Водно, Движење Мајкa и Дете, Битола сака чист воздух, Eco Guerilla од Тетово, Скопје бара чист воздух, Здрава Котлина од Струмица, Еко Долина, Младите од Иловица и Штука, Е.Д.Е.Н., Охрид SOS, Шепасти ентузијасти, Анима Мунди и десетина други граѓански здруженија за заштита на животната средина и на животните. Тие ги повикаа властите да прекинат со оправдувањата и да превземат активности, за да не бидат принудени, како што соопштија, револтот да го подигнат на друго ниво – граѓанска непослушност и повик за бојкот на претстојните избори. Сепак, неколку здруженија, коорганизатори, во истото соопштение се оградија од повикот за бојкот и граѓанска непослушност.

Централното барање на граѓанските здруженија до надлежните е решавање на најгорливите еколошки проблеми без одложување бидејќи тие сметаат дека е несфатливо одолговлекувањето со носења на закони или неспроведувањето на постоечките и кочењето на одредени активности поради нефункционалноста на една или две алки од системот во услови кога 3500 граѓани годишно умираат како последица на загадувањето. „Премината секоја граница на толеранција по долгогодишни институционални борби“, се вели во соопштението.

Барањата на „Зелената револуција“ се подредени во неколку клучни области, па така во делот за отпадот меѓу другото се бара, забрана за увоз на гуми и друг отпад кој се гори како енергенс, забрана за откуп на старо железо, бакар, калај и друг метал кој се добива со палење на отпад што загадува, итно донесување на ДУП за Вардариште и ремедијација оваа некогашна депонија, решавање на статусот на Дрисла. Од Јавното Обвинителство се бара отворање на истраги за испуштањето токсични материи во Охис, за патот на отпадот кој се увезува во државата, како и истраги за лицата кои палат кабли и оние кои го откупуваат металот.

Се бара итна санација на најжешките еко-точки како депонијата на антимон во Лојане, депонијата на 6-валентниот хром на Југохром, ремедијација на двете депонии во Охис и почеток на истрага за депонијата во Пеленица,  раскинување на сите концесии за експлоатација и детални геолошки истражувања на минерални суровини, кои не се во согласност со законите, уредување на статусот на лицата кои сега живеат во дивите населби, 24 часовен инспекциско-полициски мониторинг, забрана за нова тешка и загадувачка индустрија. Екологистите бараат јавен увид во индустриските емисии, носење на неколку закони кои ја уредуваат различни области на заштита на животната средина, кои се веќе готови, но од непознати причини се уште не се донесени. Исто така, се бара целосна забрана за изградба на мали хидроцентрали во националната еколошка мрежа и укинување на субвенциите за малите хидроцентрали, како и итно прогласување на сите заштитени подрачја кои забрзано се деградираат поради нерешениот статус.

За сите конкретни барања, „зелените“ на надлежните им имаат дадено и конкретни рокови за релизација или почеток на активностите и најавија продолжување на отпорот доколку надлежните бидат глуви за нивните барања.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …