Зеленски

Зеленски: Јас сум им главна цел на Русите, но немам намера да го напуштам Киев

И американскиот Стејт департмент, но и самиот украински претседател Володимир Зеленски утрово изјавија дека главна цел на руската агресија врз Украина е лично тој. Зеленски изјави дека нема намера да го напушта Киев и информираше дека се наоѓа во некој од владините објекти во градот, јавува Би-Би-Си.

Украинскиот претседател во видео порака објавена на социјалните мрежи додаде дека има информации оти тој им е целта број еден на руските агресори, а целта број два е неговото семејство. Зеленски ги отфрли лажните извештаи дека го напуштил Киев.

„Ова утро ние ја браниме нашата држава сами. Исто како и вчера, најмоќните светски сили гледаат од страна“, изјави Зеленски во своето обраќање до нацијата.

Тој додаде дека синоќешните економски санкции на Западот кон Русија не се доволни, додавајќи дека досега биле убиени 137 украински граѓани како резултат на руската агресија, додека 316 лица биле повредени.

„Нашите момци и девојки – сите бранители на Украина – не му дозволија на непријателот да го реализира оперативниот план за инвазија првиот ден. Украинците покажуваат вистинско херојство. Во повеќето правци непријателот беше запрен. Сè уште се водат битки“, изјави Зеленски.

Зеленски во обраќањето ја предупреди официјална Москва дека Украина нема да престане со самоодбраната до самиот крај на рускиот напад. Тој ги потврди новинските извештаи дека рано утрово Русија изврши неколку удари од воздух врз Киев, информирајќи дека се погодени воени, но и цивилни делови од украинскиот главен град.

Дека украинскиот претседател е мета број еден на рускиот напад врз Украина, потврди и портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.

„Претседателот Зеленски ги претставува, дури и ги отелотворува, демократските аспирации и амбиции на Украина и на украинскиот народ. Се очекува тој да биде главната цел на руската агресија“, изјави портпаролот Нед Прајс за Си-Ен-Ен.

Инаку, според едно од последните испитувања на јавното мислење во Украина направено во декември 2021 година, Володимир Зеленски е најпопуларниот украински политичар. За Зеленски би гласале 23,5 отсто од украинските граѓани доколку се одржат претседателски избори во земјата.

На последните претседателски избори што се одржаа во Украина пролетта 2019 година, Зеленски успеа да освои над 73 отсто од гласовите на украинските граѓани што излегоа на избори. За него во вториот круг гласаа над 13,5 милиони граѓани и од источниот и од западниот дел на Украина, што е вистинска реткост во 30-годишната историја на поделената земја на про-западен и про-руски дел.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Дали германската владејачка коалиција е пред колапс?

Дали германската владејачка коалиција е пред колапс?

Намалување на социјалната помош и подоцна пензионирање: германските либерали формулираа барања што ги налутија редовите …