Рис Галичица

Земјава има исклучителна биолошка разновидност, но таа мора и да се чува и заштити

Кога земјава би имала повеќе подрачја „Натура 2000“, што е најголемата координирана еколошка мрежа на заштитени подрачја во светот, тогаш би добиле и поголема заштита на екосистемите и сите нивни елементи, рече Диме Меловски од Македонското еколошко друштво на дебатата со наслов „Заштита на биодиверзитетот преку чување на природата и реверзија на деградацијата на екосистемите“ која се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје, како дел од изложбата „Розеви тигри и златни гуштери и што уште не“.

На настанот, кој се одржува ден после одбележувањето на 22 Мај, Светскиот ден на биолошката разновидност, Меловски посочи дека сочувувањето на биодиверзитетот во земјава се одржува на два начини, преку заштита на конкретен вид, како што е случајот со балканскиот рис на кој МЕД работи повеќе од една деценија, како и преку и заштитата на цели екосистеми.

Човекот е еден од главните фактори кој влијае на забрзувањето на исчезнувањето на видовите. Светислав Крстиќ, професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет посочи податок дека годишно исчезнуваат 10.000 видови, а на тоа влијаат климатските промени и загадувањето, како последица на човечки активности.  Крстиќ нагласи дека македонското законодавство е усогласено со европското, но потребно е законите и да се применуваат и да се почитуваат.

Според Даниел Богнер, експерт и поранешен тим-лидер на проектот „Натура 2000“, во однос на заштита на биодиверзитетот, свесноста кај луѓето е исклучително важна, а поради распространетоста на биодиверзитетот надвор од границите на една земја, многу се важни и корисни прекуграничните проекти.

„Многу е важно луѓето да ја почувствуваат врската со природата. Во многу земји функционира т.н. граѓанска наука (citizens science), каде што обичните граѓани се вклучени во мониторирање на видовите, процес што мора да се води под надзор на научната заедница,“ рече Богнер.

За ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир во земјава во делот на заштитата на биодиверзитетот има позитивни примери на посветеност како што е случајот со Националниот парк „Галичица“. Според него, европскиот Зелен договор треба да одговори на троен предизвик: климатските промени, колапс на биодиверзитетот и деградација на животната средина.

„Веќе подолго време отвораме дебати, организираме кампањи за овие прашања. Но, договорите на политичко ниво не се доволни. Во овие процеси неопходно е да се вклучат сите, особено младите“, посочи Гир.

Андон Бојаџи раководител на Одделението за заштита на природата при Националниот парк „Галичица“, рече дека вложуваат во обука на млади кадри и дека сами го изработиле Планот за управување со паркот. Тој нагласи дека иако земјава е мала по површина, има исклучително богата разновидност, како и сите земји на Балканот.

„За видовите не важат политичките граници. Затоа, соработката меѓу земјите од регионот е неопходна ако сакаме навистина да ги заштитиме видовите“, рече Бојаџи.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …