Два силни земјотреси ја погодија Венецуела и предизвикаа сериозни разурнувања, вклучително и уривање на згради во главниот град Каракас. Според Американската геолошка служба (УСГС), првиот потрес бил со јачина од 7,2 степени, а вториот дури 7,5 степени по Рихтер.
Според проценките на УСГС, постои висока веројатност бројот на жртви да достигне десетици илјади, па дури и до 100.000, со оглед на силата на потресите и густината на населението во погодените области.
Привремената претседателка Делси Родригез прогласи вонредна состојба и го опиша настанот како катастрофа со „сериозни последици“. Таа потврди дека најмалку 32 лица загинале, а повеќе од 700 се повредени, предупредувајќи дека бројките веројатно ќе растат.
Масовни штети и итни мерки
Земјотресите предизвикаа значителни штети во Каракас и северните делови на земјата. Голем број објекти се урнати, а спасувачките служби започнаа потрага по затрупани лица под урнатините.
Властите донесоа итни мерки: наставата е прекината, железничкиот сообраќај е стопиран, а меѓународниот аеродром во Каракас е затворен поради оштетувања на инфраструктурата.

Родригез истакна дека приоритет се спасувачките операции, а веќе се регистрирани најмалку 20 последователни потреси, што го зголемува ризикот од дополнителни уривања.
Меѓународна поддршка и предупредувања
САД и повеќе држави изразија подготвеност да помогнат. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сите институции се подготвени за брза реакција, нагласувајќи дека првичните извештаи се „алармантни“.
Помош понудија и државите од регионот, вклучително Ел Салвадор и Доминиканската Република, кои испраќаат спасувачки тимови и хуманитарна помош.
Во меѓувреме, американскиот центар за предупредување од цунами краткотрајно издаде аларм за Карибите, кој беше повлечен по околу еден час.
Епицентар и размери на катастрофата
Според УСГС, двата силни потреси се случиле во интервал од само 39 секунди. Првиот бил регистриран во близина на градот Сан Фелипе на длабочина од околу 21,9 километри, додека вториот, посилен земјотрес, се случил на помала длабочина од околу 10 километри.
Токму малата длабочина на вториот потрес се смета за причина за големите штети. Во близина на епицентарот се наоѓаат градовите Пуерто Кабело и Сан Фелипе, каде живеат повеќе од 400.000 луѓе.
Иако Каракас се наоѓа повеќе од 150 километри од епицентарот, таму веќе се пријавени сериозни оштетувања и уривања.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело оцени дека ситуацијата е „исклучително алармантна“ и ги повика граѓаните да останат на безбедни места, предупредувајќи на ризик од нови потреси и дополнителни уривања.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место