Жалби во Апелација за убиството на Вања и Панче Жежовски

Жалби во Апелација за убиството на Вања и Панче Жежовски

Апелациониот суд разгледува жалби поврзани со пресудата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, случај што предизвика силен јавен интерес.

Четворицата осудени на доживотен затвор — Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, поднесоа жалби со барање за укинување на првостепената пресуда и враќање на постапката на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје. Истовремено, Обвинителството бара преиспитување на ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој беше обвинет за помагање при грабнувањето на неговата ќерка.

Обвинителството: Да се преиспита улогата на таткото

Вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски во образложението на жалбата истакна дека Ѓорчевски ја споделил информацијата дека Вања ќе оди сама на училиште, податок кој, според обвинителството, го знаеле само најтесните членови на семејството.

„Александар вечерта им праќа порака на децата да се облечат како да одат на планина. Неговото однесување следниот ден, кога повторувал дека детето е грабнато и убиено, како и движењето кон Качанички пат, укажуваат на одредени сомнежи“, изјави обвинителот.

Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната, 30.11.2023
Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 30 ноември 2023 година, по што беше пронајдено нејзиното тело

Одбраната: „Нема комуникација, нема доказ“

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој го застапува Александар Ѓорчевски, нагласи дека не постојат докази за негова вмешаност во убиството или грабнувањето. Тој потенцираше дека нема никаква комуникација помеѓу Ѓорчевски и останатите обвинети, ниту доказ дека тој знаел кога неговата ќерка ќе излезе од домот.

„Пресудата е правилна и законита. Опасно е да се создава преседан врз основа на претпоставки, а не на докази“, рече Туфегџиќ, додавајќи дека и Врховниот суд го разгледувал случајот и не утврдил докази за вмешаност.

Првостепена пресуда: Доживотен затвор

Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Палевски, Манев, Видевски и Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство. Судот го ослободи Александар Ѓорчевски од обвинението, образложувајќи дека Јавното обвинителство не успеало да ја докаже неговата вина надвор од разумно сомневање.

Во текот на судскиот процес беа изнесени бројни детали за мотивите и текот на грабнувањата и убиствата на Вања и Панче Жежовски.

Извор: DW