Жан Митрев искеширал 1 милион евра како гаранција дека нема да бега

Жан Митрев искеширал 1 милион евра како гаранција дека нема да бега

Докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев дал гаранција од 1 милион евра во кеш во Основниот Кривичен суд во Скопје дека нема да избега од државата, соопшти денеска на брифинг со новинарите, шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски. Против Митрев е отворена истрага под сомнение за измама на пациенти. Поради опасност од бегство на докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев во август му беше одземен пасошот. Според Бубевски, досега се сослушани 80 отсто од пациентите кои пријавиле дека се оштетени.

„Зголемени се мерките за присуство и покрај патната исправа од осомничениот е дадена гаранција дека нема да избега во готов износ од 1 милион евра во Кривичниот суд и цениме дека со овие мерки е обезбедено присуство на обвинетиот“, рече Бубевски на денешниот брифинг.

Според обвинителот, истражна постапка за случајот би требало да заврши за два до три месеци. Осомничениот, како што соопшти Јавното обвинителство, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од Ковид-19 со методот на хемофилтрација.

РСЕ неодамна истражуваше и дали болницата Жан Митрев без лиценциран доктор за детска кардиохирургија може да прави операции на срце кај бебиња.

Во однос на кривична пријава против поранешната шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за злоупотреба на службена должност, обвинителот Бубевски рече дека е сослушан поранешниот шеф на Финансиската полиција Арафат Муареми.

Финансиската полиција и Муареми поднесоа кривична пријава против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за како што тврдат, нелегален претрес во Управата. Во наредниот период, како што рече Бубевски, ќе се испитуваат и пријавените лица, односно Русковска, Трајчева и Јосифовска.

На 18 јули Обвинителството за организиран криминал и корупција, изврши претрес во Управата за финансиска полиција. Од Обвинителството тогаш посочија дека станувало збор за обемна документација и оти во истрагата биле опфатени повеќемина вработени во Управата. Русковска наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот.

Во однос на другите предмети кои ги работи обвинителството, за судскиот процес за несреќата кај Ласкарци, Бубевски рече дека супер вештачењето кое го побарал судот го блокира процесот. Тој додаде и дека пред една недела го добиле и предметот за случајот МПМ и сега треба да биде распределен кај обвинител. Најмногу кривични пријави, како што информираше Бубевски, има за дела против сообраќајот- 1056, потоа против имот- 838 и против живот и тело- 315.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Одговор на новинарско прашање на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Наместо реформи гледаме бртална партизација …