Изјава на Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар за измените на Законот за јавно обвинителство:
„Европската унија ги следи одблиску подготовките за измена на Законот за јавно обвинителство, кои имаат за цел да го вклучат функционирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) како составен дел од Јавното обвинителство.
Се сеќаваме дека СЈО беше воспоставено од главните политички партии преку Договорот од Пржино, со цел да се обезбеди превземање одговорност за нелегалните пресретнувања на комуникациите, како и за содржината на истите.
СЈО значително придонесе кон повторно воспоставување на одговорност и кон борбата против неказнивост. Од огромна важност е СЈО да продолжи со гонењето на оние кои се одговорни, на сторителите, и тоа да го прави на професионален начин и независно.
Одблиску ги следевме дискусиите за нацрт законот, кои се одвиваа помеѓу владата и главната опозициска партија. Ги поттикнуваме сите парламентарни политички партии и почитувани членови на Собранието позитивно да го земат во предвид усвојувањето на законот. Ова ќе им ја покаже на граѓаните, како и на меѓународната заедница, посветеноста за утврдување одговорност за сите кривични дела, особено за корупцијата на високо ниво и злоупотреба на моќ, но и за зајакнување на владеењето на правото во Република Северна Македонија. Исто така, ќе придонесе кон исполнување на желбата на граѓаните за фер општество, засновано на правила, што всушност е суштината на процесот на проширување на Европската Унија“.