По три години изведба, целосно е обновена една од халите во железничкото депо „Лисиче“ во Скопје. Со 2 милиони евра се обнови работилницата за поправки и одржување на моторни возови и локомотиви, додека за останатите објекти од овој комплекс нема предвидено средства за реконструкција.
Од Железници – Транспорт велат дека не се предвидени понатамошни зафати со подигнатиот заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Постојниот зафат на халата во која се наоѓа работилницата е доведен до завршна фаза, потребно е да се направат проверки на извршената работа на изведувачот и да се затвори реконструкцијата во текот на 2019 година.
Сепак, со веќе реализираниот зафат останаа нереконструирани големата и малата хала, фарбарата, двете административни згради и останатите објекти од депото „Лисиче“. Дел од овие зданија, особено големата хала во која се гаражираат и одржуваат патничките вагони, се наоѓаат во катастрофална состојба.
Прозорците се испокршени, кровот прокиснува, вратите не функционираат, нема климатизација, а и не работи парното греење. Работниците што го одржуваат возниот парк во зима работат на минусни температури, додека во летните месеци се изложени на топлото време. И покрај ваквите услови за работа, железницата допрва ќе бара средства за обнова на останатите хали од депото „Лисиче“.
Железничкото депо „Лисиче“ е единствениот функционален објект во земјава, во кој се гаражира, одржува и поправа возниот парк што е составен дел од железничкиот сообраќај. Овој комплекс е изграден во далечната 1973 година, а реконструкцијата на работилницата за поправка на возниот парк е единствениот позначаен санационен зафат реализиран во изминативе четири и пол децении.