Железници на РСМ-Транспорт кон крајот на април годинава набавила луксузен автомобил „Форд Мондео Титаниум“, за којшто издвоиле над 1,8 милиони денари (околу 30.000 евра). Моторното возило е набавено од компанија, која што е единствената што се пријавила на распишаниот оглас, се наведува во објавениот договор на Електронскиот систем за јавни набавки.
Набавката на луксузен автомобил за потребите на раководството на државното железничко претпријатие не би претставувало проблем, доколку податоците за нејзиното работење покажуваат позитивни финансиски резултати. Сепак, Железници на РСМ-Транспорт во реалноста со години наназад е најголем државен загубар, што се потврди и со последната анализа на „Порталб.мк“. Според најновата должничка листа на Министерството за финансии, овој железнички транспортен оператор во март 2021 година имал доспеани, а неплатени обврски од дури 63,8 милиони евра.
Во меѓувреме, со потешкотии се одржува и актуелниот возен ред во патничкиот железнички сообраќај. Во изминативе недели, во два наврати се случи пожар на локомотиви на патничкиот воз Скопје-Гевгелија, а подолг период не сообраќа ниту брзиот воз меѓу Скопје и Приштина. Граѓаните се жалат и на честото расипување на патничките возови, кои ги оставаат на половина пат по пругите.
Самото претпријатие Железници на РСМ-Транспорт во Бизнис планот за работа за 2021 година има потенцирано дека постојат напластени долгови, сосе камати кои постојано растат, а тие немаат можност навремено да ги сервисираат ваквите обврски.
„Обврските кон странските железници постојано се зголемуваат и бидејќи
плаќања воопшто не вршиме, постојано добиваме опомени кои во секој момент би се актуелизирале и би не довело во опасност од тужење и присилни наплати“, се вели во Бизнис планот за работа за 2021 година.