Жената не е само сопруга и мајка - жената е личност!

Жената не е само сопруга и мајка – жената е личност!

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

8.Март, Меѓународен ден на жената, ден кој не’ потсетува на официјалниот почеток на борбата за еднакви економски, политички и социјални права помеѓу различните полови. На овој ден сите се во трка со времето: полни цвеќарници, по улиците врвулица од луѓе со цвеќиња во рацете, се купуваат подароци за блиски. Се честита празникот и, како и секоја претходна година, се повторува добро познатата фраза:„Ова не треба да е само за еден ден, жената треба да се почитува секој ден“. И тука некаде завршува празникот.

Секако дека ниту Денот на љубовта, ниту Денот на жената, ниту Денот на просветителите, ниту Денот на борба против рак на дојка, или Денот за потсетување на ретките болести… не треба да траат само еден ден. Меѓутоа нивната основна поента, е да нѐ потсетат и да ни развијат чувство за вредности и потреби кои се околу нас, и во секој од нас.

Долго време бевме заглавени помеѓу дилемата, дали 8.Март е празник на жената, или на мајката? Па така, се сметаше дека празникот не им припаѓа на оние жени кои не се мајки, со што се создаваше чувството дека ако не си мајка, тогаш си помалку жена!?

Поради поставеноста на фокусот за еднакви права со мажите, се појавува и општ антагонизам кон феминизмот, се водат расправи за тоа кој е поважен. Во минатото, кога можностите за развој на личностите, машки и женски, биле различни, ќе се согласам дека мажите биле “окупатори“ на многу права кои им следувале и на жените. Но денес кога имаме можност за личен развој, најголемиот непријател на жената е – самата жена. Во процесот на борба се изгуби можеби и најважното нешто, а тоа е високосвесна, развиена, самостојна личност. Која, верувале или не, може да е и маж и жена!

Што е она што нѐ тера да се оддалечуваме од ваквата вредност? Општествените улоги! Зацементираните стереотипи се: доколку си маж – ти доликува да си јак, моќен, да имаш став, да си успешен, да бидеш татко, да бидеш повеќе време излезен од дома, да си гласен, да пиеш, да се тепаш, да го имаш последниот збор… Доколку си жена – треба да си кревка, тивка, ранлива, мила, нежна, мајка, не мора да имаш јасно изграден став, не е пристојно да пиеш, со убаво и без многу пререкување, треба да му најдеш начин на мажот да го има последниот збор…

Веќе имаме примери каде што многу жени имаат “машки“ карактеристики, а многу мажи пак, “женски“. Меѓутоа, сѐ уште немаме развиена свест за да препознаеме дека тоа се карактеристики на човек – личност која може да биде и маж, и жена.

Пред три години учествував на еден натпревар за кратки филмови, со наслов „Што е жена?”. Сакав да направам видео запис за тоа како жените се гледаат себеси, жени од различни генерации да одговорат  што е, според нив, жената?

Снимивме филм, на кој имаше 5 жени: 75 годишна баба, жена на средна возраст 45-50 години, млада 25 годишна жена, една средношколка и јас. Идејата беше, самите жени да покажат како се гледаат себеси и преку тоа да се види зошто сѐ уште се заробени во (само) неколкуте улоги кои ги имаат. И така и испадна. Освен мене, сите други жени кажаа дека жената е мајка, сопруга, дека е таа вратот а мажот главата…и слични нам добро познатите фрази, но никој не го спомна очигледното: дека жената е личност и човек!

Кога некој ќе каже:„Види го човекот!”, никој не очекува дека тој човек е жена, туку под терминот “човек“, по правило и без исклучок подразбираме маж! Значи прво и пред сѐ треба да сфатиме, дека човек е и жена, и маж. Дека личност е и маж, и жена. Дека секој човек и секоја личност во согласност со својот капацитет, доколку ја има еднаквата можност, може да биде успешна личност.

Се сеќавам на предавањето на една професорка, антрополог, која преку вицовите и македонскиот хумор ја анализираше улогата на родовите. Секој од нас нека се присети на еден виц, и ќе види дека и таму постои деградирачки однос кон жената. Виц како илустрација за кажаното: Мажот ја изневерил жената и правдајќи се, сакал да ѝ каже дека, едноставно, се нашол во таква ситуација. Кога жената му возвратила со прашањето, што ако и таа се најде во таква ситуација, мажот ѝ одговорил: „Жено, мешаш ситуација и ќотек“. Не е смешно, знам, но на многумина им е.

Мојата борба, и не само моја, е да успееме да ја подигнеме свеста за гледање на секој човек како содржина на личност!

Променета е свеста, бидејќи сега веќе сите се смееме на чајанките, на можноста жените да излезат само на 8.Март и тогаш да се откачат. Сега веќе, по повод на овој ден, активно се организираат дебати на кои се разговара за искуства и концепти кои треба да ги развиваме. Но, имаме уште многу да работиме за поттикнување на размислата за личност – квалитетна или неквалитетна, а не маж или жена. Жената е човек! Жената треба да е многу повеќе од нечија сопруга! И жената која не е мајка, може да е задоволна жена! Жената и кога е сопруга и нечија мајка, пак е засебна личност! Жената е личност!

Да се биде развиена личност, не зависи од тоа дали си маж или жена, туку од тоа колкав капацитет имаш и колку си спремен него да го развиваш. Ние, жените, треба да научиме да почитуваме и да заслужуваме почит, а потоа да знаеме дека се почитува личност, без разлика дали е маж или жена.

За многу години Денот на жените, кои како капацитет ја развиваат личноста во себе, во еден општествен контекст кој прави промени!

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …