Пишува: Рубин Белчески

Кустос советник историчар во НУ Завод и Музеј Прилеп

За жената постојат голем број изреки, напишани се многу песни, романи, драми и други литературни дела. Но, колку и да е напишано малку е, жената заслужува многу повеќе. Таа е вечна тема.

Писателот Оскар Вајлд ќе рече: „Силата на жената произлегува од факт што ни психологијата не може да го објасни. Мажите можат да се анализираат, а жените… само да се обожаваат“. Нобеловецот Иво Андриќ ќе додаде: „Жената стои, како капија, на излезот и на влезот во овој свет“. Но, можеби академикот Гане Тодороски во својата поезија, за жената, дава најинтересни и најпрецизни карактеристики кога вели дека: „Жената е… Прва љубов разнеЖЕНА, златна лира обжеЖЕНА, ѕвезда в дланки доблиЖЕНА, младост в жили раздвиЖЕНА, мајка кутра загриЖЕНА“, тој уште додава и вели дека жената е: гиздавица, жегавица, лизгавица, секавица, валавица, палавица и лавица.

Овие „зборови“ за жената, на тројцата великани на литературата, сметам дека одговараат за темата за која ја обработуваме и ги зедов за појдовни, особено што тие, живееле, твореле или имале допир со периодот што е предмет на наш интерес, а се однесува на улогата на жената.

Жената отсекогаш имала значајна улога во општеството. Иако мажот во минатотo бил „главен“ во семејството, често се вели дека жената е столбот на семејството и со право, бидејќи често знаела и умеела да ги хармонизира и да ги синхронизира односите, а сето тоа благодарение на својата активност, доследност, достоинственост, искреност, непоколебливост, непомирливост, пожртвуваност, решителност, трудољубивост и многу други позитивни особини што ги поседува.

За улогата на жената во општеството кај нас не постојат посебни историографски публикации напишани врз основа на истражувања, со исклучок на периодот на НОБ за кој постои одредена литература што повеќе се базира на сеќавања на учесничките во народноослободителното движење. Што се однесува, пак, за претходниот период, за улогата на жената во општеството, треба да се извлекуваат податоци и заклучоци од постојната литература што се однесува на положбата и активностите на припадниците на македонскиот народ и другите народи кои живееле на овие простори.

Периодот во кој се осврнуваме на улогата на жената, нејзината позиција, организирањето и дејствувањето е исполнет со борби, неизвесности, асимилација, национализација и економска експлоатација на македонскиот народ кој бил покоруван од разните освојувачи. Тоа е периодот на разни настани за време на турското владеење, меѓу кои: Илинденското востание, Младотурската револуција, тоа е време на Балканските војни, Првата светска војна, периодот меѓу двете светски војни, Втората светска војна и НОБ и периодот, непосредно по ослободувањето, периодот на социјалистичка изградба. Тоа е период од 50-тина години, кога македонскиот народ живее исклучително тежок живот, вклучително и жената.

Прилеп во овој период претставувал важен економски, политички и културен центар во пелагониската котлина и пошироко, кој давал активен придонес во политичката и културната историја на македонскиот народ.

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век Прилеп со околината имал околу 55.000 жители од кои само Прилеп имал околу 25.000. Од нив околу 17.000 Македонци, 6.200 Турци, 600 Власи околу 1.000 Роми и други. Немаме податоци колку од овие бројки припаѓаат на женскиот пол.

Жената со своите активности се истакнувала во секојдневниот живот како добра домаќинка, која готвела, чистела, перела, работела на нива, во градината, како и со стоката. Таа знаела да шие, да везе, да плете, да преде, да ткае, аматерски или професионално. Изработувала алишта, т.н. носии, за која требало големо знаење и трпение. Карактеристично е дека прилепската женска невестинска носија била составена од повеќе делови, а достигнувала тежина и до 40 килограми. Значи, покрај маката што ја „носела“ од тешкиот живот, жената ја носела и тежината од носијата.

Тутунарки, ама и виртуози за готвење

Во Прилеп и Прилепско, тутунопроизводството имало посебно стопанско и социјално значење. Со текот на годините производството се зголемувало, а со тоа се зголемувала и експлоатацијата на жената која работела, како во домот, така и во монополот. Таа била „главна“ и при одгледување на градинарски култури како: анасон, афион, бостан, грав, зелка, домати, компири и друго.

Напоредно со производството на разни земјоделски производи, прилепчанката се одликувала како виртуоз за готвење, која, покрај кашестите посни јадења со киселец, штаве, лобода, коприва, подготвувала и бакрданик, а месела: леб, зелник, мазник, колпишмиде, питулици, сучела кора и друго. Од јадењата со месо подготвувала: мусака, тас-ќебап, турлитава, шиш-ќебап. Жената, особено од прилепските села и Мариово, од млекото знаела да прави бело и биено сирење, изварка, матеница и други млечни производи.

Жената ги почитувала и ги применувала разновидните народни обичаи поврзани со животот, раѓањето, мажењето, женењето, умирањето и други мигови од животот, како и обичаи поврзани со верски празници, односите во семејството, селото, еснафот и други.

Во почетокот на 20 век, влијанието од Запад било сè поприсутно. Слободата на движење на жената е позабележителна. Сè повеќе се „слушал“ гласот на љубовта и правото на избор на животниот сопатник. Сепак, постоела професија како стројник – стројничица која посредувала помеѓу семејствата, односно младоженците. Познати стројничици во Прилеп од овој период биле: Ташка Анасташка, Петра Машкапетра, Софка Прилепчанка и други.

Жената, покрај домаќинка, без образование, но со многу други квалитети, неретко, како интелектуален генератор, ја сретнуваме во повеќе области на општественото живеење која неодоливо привлекува други индивидуи. Тој интелектуален развиток бил скромен поради неповолните материјални и општествено-политички услови, но има и такви личности со кои можеме да се пофалиме и да се гордееме без разлика дали биле од Прилеп или дејствувале во Прилеп и Прилепско.

Низ долгите мачни борби за национална слобода и афирмација, македонскиот народ често бил покоруван, но никогаш победуван. Во таа борба за опстанок и одбрана на својата родна грутка, народот од Прилеп и Прилепско, а со тоа прилепчанката, поднесувале големи жртви. Задоени со идејата за слободен живот, прилепчани мошне рано го манифестирале незадоволството против отоманскиот освојувач и меѓу првите се кренале против османлиското ропство. Со појавата на македонската револуционерна организација во Прилепско, борбата уште повеќе се засилува и добива поорганизиран карактер. Во големата Илинденска епопеја, прилепскиот крај, претставува значаен револуционерен центар од кој потекнуваат истакнатите револуционери како: Ѓорче Петров, Пере Тошев, браќата Ацеви и други. Покрај нив, и жената-револуционер се истакнувала во најразлични активности. Меѓу оние што биле вклучени во револуционерната организација и помагале на движењето биле: Параскева Лозанчева, директорка на Прилепското женско училиште, ќерка на прилепскиот чорбаџија Коста Биолчев, а подоцна жена на револуционерот од Битола, Анастас Лозанчев, потоа, Цветанка Сенокозлиева, која поради револуционерни активности била затворена, Фота Роканова и други, кои директно или индиректно биле вклучени во револуционерната организација или на најразличен начин го помагале револуционерното движење.

Прилепското подрачје силно ги почувствувало стравотиите на Балканските војни, како и Првата светска војна и трагедијата што го снајде македонскиот народ по завршувањето на војните – делба на неговата етничка целост од неговите соседи кои спроведувале политика на национална обесправеност и економска експлоатација. Но, и во такви услови жената си ја играла својата значајна улога во семејството и општеството како мајка, сестра, свекрва или баба, која, покрај домашните активности, ја сретнуваме како учителка, здравствен работник, припадник на некој еснаф или професионалец со некоја друга професија.

На почетокот на 20 век, во Прилеп имало повеќе учителки од учители

Образованието во Прилеп има своја традиција. За тоа зборува фактот што во Прилеп уште во 1865 година во куќата на дедото на револуционерот Пере Тошев било отворено првото женско училиште во кое работела првата учителка баба Недела Петкова Караиванова. Во него биле запишани 180 прилепчанки, бројка достојна за почит за тоа време. Во учебната 1904/5 година, во рамките на ова училиште бил отворен т.н. ракотворен курс, односно стопанско училиште. Поради првата Балканска војна тоа било затворено.

Карактеристична година во однос на застапеноста на жената како ученичка и учителка е учебната 1911/12 година. Имено, во прилепските училишта бројот на ученици изнесувал 2.172, од кои 1.183 ученици и 989 ученички, а наставата ја изведувале 18 учители и 22 учителки.

По завршувањето на Првата светска војна во учебната 1919/20 година е отворено Женското занаетчиско училиште, што работи сè до 1941 година. Него го основа и работи под патронатство на режимската женска организација „Коло српских сестара“. Во училиштето се учело: кроење, шиење, килимарство и други занаети. Карактеристично е што во новата зграда на ова училиште, што почнала да се гради во 1939 година, по ослободувањето во 1944 година, тука бил сместен првиот Народноослободителен одбор на Прилеп. Денес, во истата зграда е сместена НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп.

Во Прилеп од 1923 година работи Учителска школа, која подготвувала кадри за училиштата низ Македонија и пошироко. Помеѓу учениците секогаш имало и ученички. Истакнати учителки од Прилеп кои придонеле за развој на образованието биле: Сава Алексиева, Захарија Грашева, Ташка Димева, Ката Зојчева, Ташка Мартинова, Захарија Мојсомирова, Фана Мрзенска, Евгенија Ракиџиева (имала завршено Солунска женска гимназија), Фанија Танева, Нона Хаџиспирова и други.

Музичкиот живот во Прилеп има своја традиција, особено што жената имала голем придонес во неговиот развој. Од пораниот период, во ова пригода потребно е да се спомене еманципираната Дафа Цепенкова, тетка на Марко Цепенков (сестра на татко му Коста). Наум Тахов-Унче (1867-1913) во својот „Зборник на народни песни“ дава информација дека од Дафа запишал 160 песни. Таа била пејачка со весел карактер, која, покрај во Прилеп, живеела и во Крушево, каде што доживеела длабока старост од 103 години.

Учителката Олга Николоска (родена Миливојевиќ) била голем вљубеник во книжевноста на францускиот писател, новинар, хуманист и голем пријател на Македонија, Анри Барбис, имала голем придонес за професионалната ориентација на својот сопруг Васил Николоски, композитор и диригент на мешаниот хор „Билјана“ во Прилеп, формиран во 1929 година. Под влијание на родителите Олга и Васил, музичкиот живот го развивал и нивниот син, композиторот Властимир Николоски. Во овој период, мешан хор постоел и во рамките на Учителската школа и Гимназијата. Тие имале свои настапи и надвор од Прилеп. Во 1930 година е формирано и музичко-пејачко друштво „Монопол“ од работници и работнички вработени во Монополот.

Здравствените прилики во Прилеп во овој период не се разликувале во многу од оние во другите краеви во Македонија. Во овој период имаме појава на маларија, тифус, туберкулоза, дифтерија, дизентерија, скарлатината (шарлах) и други болести. Од истражувањата не сретнав имиња на жени-лекари, но секако дека во болниците и во здравствените установи како здравствен персонал, медицински сестри, бабици, болничарки и друго ги имало. Од забното лекарство се споменуваат имињата на: Ксенија Аќимовиќ од Врање, Вера Ацева (не народниот херој), која своето школување го завршила во Минхен, Германија, а во аптекарството се истакнуваат: Рада Дудеска (родена Крајничанец), која студирала во Загреб, потоа, Смиља Зориќ, која учела во Виена, Лујза Стојанова (родена Бомболоска) и други. Во ова пригода, да ја споменеме и Пандора Џувалекоска, која е првата школувана бабица во Прилеп, со завршена Кралска бабичка школа во 1926 години. Сите споменати и неспоменати здравствени работници го трасирале патот на хуманоста на многу генерации по нив.

Прилепчанки биле активни во музичките и драмски секции, но и познати хуманистки…

Развивање на спортскиот дух во Прилеп се одвивало преку Соколското друштво формирано во 1924 година, што имало свои соколски чети во повеќе села во Прилепско. Друштвото во кое членувале младинци и младинки организирале слетови, игранки, гимнастички натпревари и други активности. Најистакнат член на ова друштво бил првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.

Во периодот помеѓу двете светски војни во Прилеп биле формирани разни организации, библиотеки, читални, што под влијание на КПЈ, служеле како параван за ширење на социјалистичките идеи и собиралиште на напредни младинци и младинки. Во 1933 година е формирана „Трезвената ложа“ со своја библиотека и читална. Во рамките на ова организација во 1938 година, а со цел да се издигнува женската младина, се формира „Женско младинско коло“, наспроти режимската женска организација „Коло српских сестара“, каде што се читале книги и се воделе дебати потоа.

Во 1934 година е формирано Работничко културно-уметничко друштво „Коста Абрашевиќ“ со разни секции: музичка со хор и оркестар, драмска, литературна, ликовна, постоел дебатен клуб, а се организирале и голем број предавања, дискусии, приредби, игранки, матинеа, екскурзии и друго. Жената имала забележителна улога во сите активности. Во драмската секција активни биле: Адријана Бомболова-Улчар, Гица Попоска, Љуба Чучуроска и други.

Прилепчани и прилепчанки биле познати по својата хуманост и донаторството. Има многу примери за тоа, но во ова пригода ќе го истакнеме примерот на Анастасија Фукара, ќерката на познатиот прилепски првенец и чорбаџија Христо Фукара (Сиромав). Имено, таа оставила завет по нејзината смрт да се дадат 330 златни лири за изградба на новата училишна зграда во Прилеп. Пример достоен за почит.

Сличен е примерот и со отворањето на првата книжарница во Прилеп, „Просвета“, во 1939 година. Имено, на иницијатива на Кузман Јосифоски-Питу, секретар на МК на КПЈ за Прилеп, книжарницата ја отвораат браќата Благоја и Никола Попоски, учесници во акциите на 11 октомври 1941 година. Средствата за нејзини отворање, во висина од 10.000 динари, се од миразот на сопругата на Никола, која работи во книжарницата. Преку неа се набавувало материјал за партиската техника за печатење на пропаганден материјал, како: хартија, боја, индиго, креди и друго, а таа била снабдена и со илегална или полуилегална литература. Во рамките на пропагандната работа, книжарницата растурала и гоблени за везење, што одиграле важна улога во будењето на борбениот дух и македонската национална свест, особено кај женската младина. Гоблените со ликовите на Гоце Делчев, Максим Горки, Христо Ботев и други ги изработувал ликовниот уметник Борко Лазески.

КПЈ во своите програмски документи се залагала и се борела за целосна политичка, економска, правна и културна рамноправност на жената. Секако, тоа е пресудно, жената масовно да се вклучи во решавање на националното и социјалното прашање на овие простори, особено што во претходниот период таа била во инфериорна положба во однос на мажот. За тоа придонело и револуционерната традиција на жената, која ја дава одредницата на историскиот континуитет.

…и борци и хероини во партизанското движење

Единаесетти октомври 1941 година, почетокот на Востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор, Прилеп го дочекува со жена-секретар на МК на КПЈ за Прилеп и организатор на востанието. Тоа е народниот херој Вера Ацева, една од седумте хероини на Македонија, учеснички во НОВ. Таа, како во предвечерјето на Втората светска, така и во текот на НОВ, неуморно работи за слобода на Македонија, а раководи и со Месниот воен штаб во Прилеп, член на Бирото на КПЈ за Македонија, која подоцна станува и член на Президиумот на АСНОМ.

Голем број жени биле вклучени во отпорот и партизанското движење. Во првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ вклучени се жените-борци: Мара Јосифоска-Ѓурѓа, Весела Крстеска Брезоска-Луња, Даница Јорданова-Оровчанец, Павлина Пирганоска, Ленче Секулоска-Веда и Венда Темелкоска-Ѕвезда.

Од првиот момент на почетокот на востанието, па во текот на четиригодишната борба, жената-борец, рамо до рамо со мажите, била вклучена во народноослободителното движење, како во сите форми на отпор во заднината, така и како припадник во единиците на Народноослободителната војска. Во Прилеп, од вкупно 154 носители на високото признание „Партизанска споменица 1941“, од нив 33 се жени, прилепчанки, одликувани со ова признание.

Во Паркот на револуцијата, на мермерните плочи во „Могилата на непобедените“, впишани се имињата на 20 жени-борци, прилепчанки, кои ги дале своите животи за својата татковина. Сведоштва за тоа, како и за активноста и учеството на жената ги има насекаде во нашето општествено живеење. Тие носат имиња на улици, установи, училишта, организации, друштва, а ним им се подигнати и посветени голем број споменици и спомен-обележја. Од оние што ги дадоа своите животи и се вградија себеси во темелите на Република Македонија, покрај претходно споменатите се: сестрите Вера и Нада Циривири, Панде Чесноска, Илка Присаѓанка, Пенка Котеска, Блага Ружето, Цена Џинорозот, Донче Црвенкоска и други.

Да им се поклониме и да им оддадеме почит на сите споменати и неспоменати жени, борци, активистки, починати или преживеани. Сите тие на свој начин се херои на слободата и победници над фашизмот, бидејќи учествувале во борбата за исполнувањето на вековниот сон на многу борбени генерации во минатото, изразено преку многу буни и востанија, за слободна и независна Република Македонија.

И по ослободувањето, жената-прилепчанка, продолжила со својата важна улога во општеството и во социјалистичката изградба на својата татковина. Таа била вклучена во новоформираните органи и организации на новата држава. Една од нив е Васка Циривири, мајката на загинатите хероини, Вера и Нада Циривири, која на Првиот конгрес на Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија (АФЖ) одржан во Скопје на 15 декември 1944 година, избрана е за прв претседател, а мајката на Народниот херој, Кузман Јосифоски-Питу, Лефта Јосифоска за потпретседател на организација на жените во Македонија. Примерот не е единствен, ги има многу.

На крајот би сакал да се заблагодарам на организаторите на овој проект што ме вклучија во него и ми овозможија да дадам скромен придонес во неговата реализација, воедно ме поттикнаа на дополнителни истражувања, чиишто резултати ги споделувам со јавноста. Затоа, би заклучил дека жената-прилепчанка, жената воопшто, како двигател на развојот на Прилеп и Република Македонија, колку повеќе ја проучуваме и ја запознаваме, што би рекол Гане Тодоровски, таа толку повеќе, нè забавува, нè заграбува, нè разнежнува, нè блаженствува, нè засладува, нè подмладува.

Користена литература:

  1. Прилеп и Прилепско низ историјата, Прилеп, 1972.
  2. Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни 1918-1941 (Материјали од Научниот собир одржан на 1, 2 и 3 јуни 1988 година), книга III, Прилеп, 1992.
  3. Жените на Македонија во НОВ 1941-1945, Зборник на документи за учество на жените од Македонија во НОВ и Револуцијата 19411945, Избор, редакција и коментар: Д-р Вера Весковиќ-Вангели и Марија Јовановиќ, Скопје, 1976.
  4. Ружа Бак, Жената во прогресивното движење на Македонија 1910-1941, Скопје, 1960.
  5. Љубен Георгиески-Љупта, Прво ослободително востание, Скопје, 2000.