Во организација на Форумот на жени на Општинската организација на СДСМ Прилеп, синоќа во Градската библиотека „Борка Талески“ се одржа трибина на тема „Женската борба е наша заедничка борба“.

Претседателката на локалниот Форум на жени, Петра Лукароска истакна дека трибината се организира по повод 75 годишнината од ослободувањето на Прилеп кој, како град херој, на браникот на слободата дал многу жртви, а меѓу 15-те народни херои имало и една жена – Вера Ацева.

„Борбата за родова еднаквост продолжува. Иако по закон ние жените сме еднакви со мажите, треба да ја подобриме положбата на жената во општеството, во политиката и во семејството. За време на двегодишното владеење на СДСМ, направено е доста за подобрување на положбата на жената: ратификувана е Истанбулската конвенција и усвоен Националниот акциски план, имаме 40% застапеност на жени во политиката, а од 16 членови на Извршниот одбор на партијата, 9 се жени. Зголемена е минималната плата на текстилните работници и вработените во кожарската индустрија, каде најголемиот дел од вработените се од женски пол. Имаме покачување на платите во здравството и образованието, каде исто така поголем дел од вработените се жени, а не е заборавена ни руралната жена, затоа што се доделени грантови во висина од 3.000 евра. Сето ова зборува дека СДСМ е на прав пат“, изјави Лукароска.

На трибината говореа историчарот Рубин Белчески, каратистката, тренер и судија во карате со европска и светска лиценца, сопственик на КК „Бонсаи“ од Прилеп, Валентина Пурдеска, како и новинарот Златка Пурковиќ.