Жештината носи здравствени ризици - како да се заштитите?

Жештината носи здравствени ризици – како да се заштитите?

Зголемен е бројот на повици до Итната медицинска помош порадитоплото време и жештината што ја зафати земјата. Според лекарите, дневно се регистрираат повеќе од 200 повици поврзани со колапси, прегревање и влошување на здравствената состојба кај граѓаните. Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита од високите температури и топлотниот бран.

Над 200 повици дневно поради жештината

Даниел Георгиевски од Итната медицинска помош во изјава за МИА посочува дека бројот на интервенции на јавни места, кои најчесто се поврзани со колапси предизвикани од високите температури, е значително поголем во споредба со останатиот дел од годината.

„Просечно имаме меѓу три и пет интервенции дневно поврзани со колапси, но во одредени денови бројката е и поголема. Забележуваме повеќе повици од граѓани кои пријавуваат симптоми како гадење, малаксаност, прегревање на телото и топлотен удар“, вели Георгиевски.

Кај хронично болните лица топлото време може да предизвика кардиолошки компликации, срцеви и мозочни удари, како и значителни промени во крвниот притисок. Поради тоа се препорачува во периодот од 11 до 17 часот да се избегнува директна изложеност на сонце, да се внесуваат доволно течности, пред сѐ вода, и да не се консумира алкохол.

Доколку е неопходно излегување надвор, потребно е да се носи лесна облека и капа. Ако по подолг престој на сонце се јават вртоглавица, гадење или малаксаност, неопходно е лицето да се повлече во климатизирана просторија и да внесува повеќе течности. Се препорачува и полесна, помалку калорична исхрана, а хронично болните редовно да ја земаат терапијата и да ги следат вредностите на крвниот притисок. Дијабетичарите треба редовно да го контролираат нивото на шеќер во крвта.

Разладување со вода во фонтана во Грција 12 јуни 2024
Се препорачува во периодот од 11 до 17 часот да се избегнува директна изложеност на сонце, да се внесуваат доволно течности, пред сѐ вода, и да не се консумира алкохол

ИЈЗ: Почитувајте ги препораките за време на топлотниот бран

Поради најавените високи температури до 7 август, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран, особено во периодот од 11 до 17 часот, кога ризикот од изложеност на сонце е најголем.

„Кога температурата на воздухот се приближува или ја надминува нормалната телесна температура од околу 36,7 степени Целзиусови, способноста на телото да се разладува се намалува. Дополнително, кога влажноста на воздухот е висока, испарувањето на потта е отежнато, што дополнително го попречува природното ладење на организмот. Кога телото станува премногу загреано или има тешкотии да ја регулира температурата, може да се појават слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа и грчеви“, наведуваат од ИЈЗ.

Оттаму предупредуваат дека при влошување на состојбата може да се јават престанок на потење, екстремно топла кожа, конфузија, зашеметеност, забрзана срцева работа, отежнато дишење, губење на свеста, па дури и смртен исход.

Кои се најранливите групи

Според ИЈЗ, меѓу најранливите категории граѓани се лицата над 60 години, бремените жени, децата, социјално ранливите лица, работниците кои работат на отворено, како и луѓето со хронични заболувања.

Во оваа група спаѓаат лицата со кардиоваскуларни заболувања, белодробни и бубрежни болести, шеќерна болест, ментални нарушувања и дебелина, како и оние што примаат терапија која го зголемува мокрењето, вклучително диуретици и одредени лекови за епилепсија и Паркинсонова болест.

Од Институтот потсетуваат дека е важно да се избегнува директна изложеност на сонце и физичка активност на отворено во најтоплиот дел од денот.

„Носете светла и лесна облека, како и заштитни очила и светлобојна капа со широк обод. Престојувајте во затворени и климатизирани простории. Доколку мора да бидете надвор, правете почести паузи во сенка и избегнувајте директно сонце. Во текот на денот држете ги затворени прозорците и ролетните, а проветрувајте навечер кога температурите се пониски“, препорачуваат од ИЈЗ.

Дополнително се советува умерен внес на храна, избегнување масна и висококалорична исхрана, како и производи со висока содржина на шеќер.

Што да направите ако почувствувате симптоми

Доколку сте во паркирано возило, се препорачува отворање на прозорците за подобра вентилација.

„Целосно затворените возила многу брзо достигнуваат екстремно високи температури. Не оставајте никого во возилото. По потреба туширајте се со млака вода, ставајте ладни облоги или потопувајте ги стапалата во ладна вода. Лицата со хронични заболувања треба строго да ги следат препораките и редовно да ја земаат терапијата. За секоја промена во здравствената состојба задолжително да се консултираат со матичниот лекар“, порачуваат од ИЈЗ.

Од Институтот објаснуваат и како да се постапи во случај на симптоми предизвикани од жештината.

„Ако чувствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност, силна жед или главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место и измерете ја телесната температура. Пијте вода или негазиран минерален пијалок за рехидратација. Доколку имате болни мускулни грчеви во нозете, рацете или стомакот, веднаш одморете се на ладно место и внесувајте течности што содржат електролити. Лекарска помош е неопходна ако грчевите траат подолго од еден час“, советуваат од ИЈЗ.

Во случаи кога лице има топла и сува кожа, грчеви и/или е без свест, веднаш треба да се повикаат службите на 194 или 112.

„Додека пристигне Итната медицинска помош, лицето треба да се префрли на студено место, да се постави во хоризонтална положба и нозете да му се подигнат најмалку 20 сантиметри. Отстранете ја вишокот облека и применете надворешно разладување со ладни облоги на вратот, пазувите и препоните. Постојано разладувајте ја кожата со вода. Не давајте никаква терапија. Ако лицето е без свест, поставете го во бочна положба. Консултирајте се со лекар доколку почувствувате невообичаени симптоми или ако тие траат подолго време“, порачуваат од ИЈЗ.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Слично како и претходните години, и оваа година со доаѓањето на печалбарите во последните два …