Жировничани до Владата: Нема вода и за нас и за хидроцентралите

Жировничани до Владата: Нема вода и за нас и за хидроцентралите

Кога ќе влезете во реканското село Жировница, првиот впечаток ви го создаваат големите куќи со убави фасади, стиснати една до друга во тесните, чисти и асфалтирани селски улици и планинските падини кои го надвишуваат. Селото има, според евиденцијата на селскиот оџа, вкупно 2.720 жители. Имало и многу повеќе од тоа, но иселувањето во странство, децениски процес кој многу се забрзал последнива десетина години, придонесло населението на Жировница речиси да се преполови.

Сепак, „дијаспората“ како Жировничани си ги нарекуваат своите најблиски раселени по Италија, Швајцарија, Германија е активен учесник во селскиот живот, не само поради силните врски кои ги имаат со родниот крај кој задолжително често го посетуваат туку и поради тоа што тие имаат јасни ставови за тоа што треба да се направи за нивното родно село да функционира и да се унапредува. Во договор со дијаспората се одлучува на што ќе се насочат силите и парите на селаните за да се подобри животот на Жировница. Неодамна тие со сопствени средства, без никаква помош од државата си изградија нова каптажа и го зголемија капацитетот на селскиот водовод.

„И со барикади ако треба, ќе ја браниме водата!“

Дијаспората Жировничани постојано ја споменуваат и кога станува збор за проблемот со изградбата на малите хидроцентрали на Жировничка река, која протекува низ селото и се влева долу во Радика како нејзина десна притока. Се работи за голем проблем за месното население, кое ги натерало да се мобилизираат во одбрана на нивниот најважен ресурс -водата. Откако Владата се откажа од изградба на едната од трите планирани мали ХЕЦ, останаа уште две, познати како Жировница 5 и 6, за кои таа му го продолжи еднаш веќе истечениот концесиски договор на инвеститорот, Хидроген Енерџи Груп од Скопје.

„Јас зборувам во име на месното население и на дијаспората – ние сме против изградба на хидроцентралите, вели Аднан Салиу, Претседател на месната заедница Жировница. „Имаме цврсти сознанија дека хидроцентралите ќе ни ги опфатат изворите со вода за пиење и дека целосно ќе се уништи природата. Нема да има доволно вода и за хидроцентрали и за нас“. Тој вели дека средбите со заменик министерот за животна средина резултирале со бришење на едната, но останаа двете, кои се наоѓаат над селото и над изворот од кој Жировница се снабдува со вода. „Не сакаме да звучиме грубо или насилно, ние сме мек народ кој никогаш не правел проблеми ама ќе се бориме со сите средства, вклучително и со блокади и барикади“, вели Салиу.

Конфликт на интереси во Владата

Инвеститор е „Хидроген Енерџи Груп“, конзорциум во кој е и фирмата Фероинвест“.

„Дозволата за изградба на двете хидроцентрали во Жировница е продолжена до 2020 со одлука на Влада на седница со која претседаваше Анѓушев, а анексот на договорот го потпиша претходниот министер за животна средина Садула Дураки“, вели Александра Бујаровска од невладината Фронт 21/42, која активно се бори против изградбата на хидроенергетски објекти во заштитените зони какво што е подрачјето на селото Жировница, дел од Националниот парк Маврово.

Кога се во прашање жировничките хидроцентрали, целата нивна документација е спорна и тие веќе ја опориле на суд и кај инспекциите но од никаде не добиле одговор. Според Бујаровска, и покрај одлуките на Советот на Европа и на Бернската конвенција упорно се издаваат дозволи и се продолжуваат роковите за изградба.

„Над 20 хидроцентрали се планирани во Национален парк Маврово. Хидроцентрали во рамките на заштитени подрачја каков што е Националниот парк Маврово се во спротивност со член 74 од Законот за заштита на природата. Единствени стопански активности кои се дозволени се еко-туризам и традиционално сточарство“, вели Бујаровска.

Водата ја земаат и не не‘ прашуваат

Водата е основно човеково право, а она што посебно ги растревожи Жировничани било сознанието дека македонската Влада нивниот единствен извор за вода за пиење го дал на концесии за изградба на мали хидроцентрали, за што дознале дури откако виделе дека тие ќе почнат да се градат.

„Никој не го консултирал населението ниту го информирал дали ќе има вода за пиење и колку. Слушаме дека инвеститорите им кажале на загрижените селани, ако им снема вода за пиење, дека тие ќе им носеле со цистерни“, вели Цане Петревски, раководител на секторот Одржливо користење при Националниот парк Маврово. Изградбата на сите хидроцентрали во националниот парк ќе значи зграсување на Националниот парк Маврово, од кој аспект и да погледнете – и во поглед на уништување на биодиверзитетот, пејсажните вредности, животот на населението“, категоричен е Петревски.

Проблемот е во тоа, како што објаснуваат еко-активистите, градежната практика на овие мали ХЕЦ е таква што тие ја зафаќаат целата вода од потокот и рекичката и ја спроведуваат во цевководи долги и по 2-3 километри, оставајќи го речното корито суво и празно, уништувајќи го притоа живиот свет во неа. „Зборуваме за национален парк и за тоа дека сите еко-системи во него зависат од таа вода, исто како што зависат и жителите“, вели Бујаровска.

Претставниците на Жировница, по увидот во студиите и елаборатите за хидроцентралите на нивната река утврдиле дека тие немаат врска со состојбата на терен.

„Во поглед на издашноста на изворите, мерењата се застарени и не се правени последниве 20 години туку датираат во периодот од 1963 до 2000 година, па сепак по тој основ се издадени концесиите“, вели Анис Ахмети, еден од членовите на одборот на МЗ Жировница.

Малите ХЕЦ: малку струја, огромни штети

„Денес речното корито е 50-60 сантиметри под мерната лента. Се работи за карстен терен каде водата делумно понира, па во летните месеци малите водотеци некогаш и комплетно пресушуваат“, вели Ахмети.

Мештаните тврдат дека и постојните мали ХЕЦ во мавровскиот крај кубурат со вода за производство на струја и работат најчесто со по 20-30 проценти од капацитетот. Апсурдот да биде поголем, дури и да се изградат сите планирани мали хидроцентрали во овој крај, тие нема да произведат доволно струја ниту за самите села , а не за целата држава. Жировничките, на пример, имаат 1,5 мегават капацитет што не е доволно ниту за напојување со струја на Жировница и тоа со максимален проекттиран капацитет, кој сега е практично недостижен.

„На ниво на држава премал е придонесот на малите хидроцентрали во вкупната енергетска состојба, дури и да се изградат сите тие 400 планирани, вклучително и малите хец во заштитените подрачја, што би значело зафаќање на буквално секој водотек во земјава, вкупниот нивен капацитет нема да премаши 150 мегавати. Штетата е преголем, ефектот е премал“, вели Бујаровска од Фронт 21/42.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …