Зимска опрема

Од денес зимската опрема во возилата е задолжителна

Без оглед на актуелната временска состојба, возилата кои учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата

Носењето зимска опрема во возилата од денеска, 15 ноември, е задолжително. Без оглед на актуелната временска состојба, возилата кои учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Оваа обврска за возачите трае до 15 март.

За да се избегне казнување на возачите, сите моторни возила кои не надминуваат 3.500 килограми треба да имаат: зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

За моторни возила со погон на четири тркала (4×4) задолжително е поседување на зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм или пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм, ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина. Во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

За моторни возила кои надминува 3.500 килограми неопходно е возачите да имаат зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм или пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Автобусите и товарните моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Претходно неделава, од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелираа до возачите на моторни возила да бидат внимателни и да возат одговорно, да ги следат информациите за временските услови на патиштата, да го прилагодат возењето според условите на патот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација, да носат зимска опрема во возилото и да ја користат соодветно, да направат зимска проверка на возилото односно проверка на антифризот, маслото во моторот, течноста за бришачите на ветробранското стакло, да го проверат акумулаторот и притисокот на пневматиците, да обезбедат течност или спреј за одмрзнување на стакло, брави и слично.

„Одржувајте поголемо растојанието меѓу возилата, избегнувајте нагло сопирање на возилото, избегнувајте нагло намалување или зголемување на брзината на возилото. Проверете ја подготвеноста на возилото за зимски услови на патиштата. Да придонесеме за намалување на несаканите последици и зголемување на личната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот“, порачаа од РСБСП.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Црна листа, сиви тенденции

Црна листа, сиви тенденции

Случаите на политичари од регионот ставени на црната листа покажуваат дека шоковите траат кратко, дека …