Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, е уапсен под сомнение за проневера и злоупотреба на службена положба. Информацијата ја потврдија и од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Обвинителството.
Сомнежи за проневера и злоупотреба на службена положба
Според МВР, Сејдини е приведен од полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција. Од Обвинителството наведуваат дека истрагата е во тек и дека по завршувањето на преземените дејствија ќе бидат соопштени дополнителни информации.
„Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомнение за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Сè уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали ќе бидат споделени по нивното завршување“, информираат од Јавното обвинителство.
Претходна суспензија и дисциплинска постапка во ФФМ
Муамед Сејдини беше на чело на ФФМ во два мандати, во периодот од 2019 до 2025 година. Во февруари годинава, тој беше суспендиран на две години од ФФМ поради измама и злоупотреба на овластувањата.
Дисциплинската комисија на ФФМ утврдила дека Сејдини, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 проценти, иако таков услов не бил дел од прифатената понуда за изградба на трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Авансот бил исплатен без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување.
Спорниот договор за стадионот „Билјанини извори“
Со ваквото постапување, според Дисциплинската комисија, Сејдини го довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и ѝ нанел значителна материјална штета на Федерацијата, поради што му била изречена дисциплинска санкција.
Според првичните информации, Сејдини е осомничен дека проневерил околу 700.000 евра, средства што Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) ѝ ги доделила на ФФМ за градежни работи на стадионот во Охрид.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место