ЗНМ лобира кај дипломатите против политичкото рекламирање во медиумите

ЗНМ лобира кај дипломатите против политичкото рекламирање во медиумите

Претставници на Здружението на новинарите на Македонија вчера и денеска се сретнаa со дипломати акредитирани во Скопје. Претседателот на ЗНМ Насер Селмани и директорот Драган Секуловски имаа одвоени средби со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, амбасадорот на Кралството Холандија, Вилем Ваутер Пломп, заменик амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Лукаш Холуб, како и со политичкиот советник во американската амбасада Пол Граден.

На сите средби претседателот на ЗНМ изрази голема загриженост за последните измени на Изборниот законик за легализација на политичката пропаганда во медиумите со јавни пари и индиректна регулација на онлајн медиумите, кои ќе имаат негативен ефект врз слободата на медиумите.

Селмани на соговорниците им објасни дека владата и опозицијата сакаат со јавни пари да водат политичка пропаганда во медиумите за време на изборна кампања и со тоа да го вратат стариот коруптивен систем меѓу политиката и сопствениците на медиумите од времето на режимот на Груевски. Тој смета дека парите што медиумите ќе ги добиваат од партиите за објавување политичка пропаганда ќе ги направи медиумите финансиски зависни, а тоа ќе влијае врз нивната уредувачка политика.

Тој ги повика дипломатите да се заложат кај владата после референдумот да се повлече можноста јавни пари да се користат за политичка пропаганда и да се отстрани можноста Државната изборна комисија да ги регистрира и казнува онлајн медиумите за време на изборна кампања или референдуми.

Претставниците на ЗНМ со дипломатите разговараа и за неефикасноста на обвинителството и судот за брзо и ефикасно процесуирање на нападите врз новинарите. Освен тоа, тие сметаат дека јавните повици на високи претставници на власта до раководството на Македонската радио телевизија да поднесе оставка е контрапродуктивно и не придонесува за реформа на јавниот сервис.

Прочитајте повеќе

Почнува кампањата за парламентарните избори

Почнува кампањата за парламентарните избори

Од денеска, четврток 18 април, официјално стартува и кампањата за изборите за пратеници. Во тек …