ЗНМ: Нападите врз новинарите не смеат да останат неказнети

ЗНМ: Нападите врз новинарите не смеат да останат неказнети

Секој напад врз новинарите што ќе остане неказнет претставува закана за слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана, велат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) по повод 2 ноември, Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите.

Посочуваат дека безбедноста на новинарите не е само прашање на личната сигурност на медиумските работници, туку предуслов за слободно и професионално новинарство. Кога новинарите се изложени на закани, насилство, притисоци или организирани онлајн напади, а сторителите не се соочуваат со последици, се создава атмосфера на страв и се испраќа порака дека нападите врз медиумските работници може да останат неказнети.

„ЗНМ во изминатите години бележи одредени позитивни поместувања во институционалната реакција, особено во дел од поновите случаи на физички напади. Сепак, неказнивоста и долгото траење на постапките остануваат сериозен проблем. Дел од случаите со години немаат конечна разрешница, додека паралелно растат онлајн заканите, вознемирувањето и кампањите за дискредитација на новинарите, особено на новинарките“, велат од организацијата.

Посочуваат дека очекуваат МВР, Јавното обвинителство и судовите да постапуваат навремено, координирано и ефикасно во сите случаи на напади и закани кон новинарите, а институционалната реакција да не заврши со пријавување на случајот или започнување истрага, туку да мора да води кон утврдување на фактите, идентификување на сторителите и нивно соодветно санкционирање согласно законите.

Особено е важно дигиталното насилство да не се третира како помалку сериозна форма на напад. Заканите преку социјалните мрежи, организираните кампањи за дискредитација и говорот на омраза можат директно да влијаат врз безбедноста на новинарите и нивната подготвеност слободно да известуваат во јавен интерес.

„Секој нерасчистен напад не е само нерешен случај, туку потенцијален сигнал до идните сторители дека насилството врз новинарите може да остане без последици. ЗНМ ја поздравува одлуката за формирање на Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, во кој е предвидено да учествува и ЗНМ. Комитетот треба да претставува можност за подобра координација меѓу институциите и медиумската заедница, но и за системско унапредување на безбедноста на новинарите. Сепак, за ЗНМ неговата вредност ќе се мери исклучиво преку конкретните резултати. Националниот акциски план треба да содржи јасни обврски, рокови и мерливи индикатори за институциите, како и механизам за редовно следење и известување за неговото спроведување. Само така Комитетот може да биде ефикасен механизам, а не само формално координативно тело“, велат од ЗНМ.

Од таму сметат дека во овој процес е неопходно да бидат активно вклучени Јавното обвинителство и судството, бидејќи без нивно директно учество не може да се обезбеди целосен институционален одговор на нападите врз новинарите.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Митовски до Владата и АХВ: Дајте ни законски механизам за проблемот со добитокот во Крива Паланка

Митовски до Владата и АХВ: Дајте ни законски механизам за проблемот со добитокот во Крива Паланка

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на денешната прес-конференција упати итно барање до Владата …