Зоран Заев VS арогантните „офицери“ од македонскиот „Сремски фронт“

Пишува: Зоран Милошески

„Власта е како крчма, од неа ретко кој излегува трезен“

Германска поговорка

По правило, оставката на премиер и претседател на најголемата владејачка партија во било која демократска земја, претставува вовед во политичка криза. Кај нас, барем засега, сеуште не може да се тврди дали ситуацијата е во фазата „затишје пред бура“, или пак ќе се случи безболно премостување на вакуум периодот?

Потегот на Заев, поднесувањето оставка од челните позиции во Владата и во СДСМ, досега беше непознат чин на домашната политичка сцена која ги изненади сите политички чинители во државата, но и меѓународниот фактор. Оти, кај се видело и чуло во жална Македонија некој да преземе одговорност за неуспехот, да абдицира од две исклучително важни и моќни функции, а притоа од никого да не биде молен, кандисуван и уценуван за тоа?

После таквиот епилог, опозицијата остана разочарана, разоружена и збунета, бидејќи и’ падна во вода планираната постизборна ПР стратегија за п(л)укање од сите оружја против премиерот и прв социјалдемократ, во намерата да бара негова оставка.

Странците, пак, испраќаа пораки дека локалните избори немаат поврзаност со легитимитетот на претседателот на Владата, кој се добива или губи на парламентарни избори. Притоа, индискретно посочувајќи дека е постигнат напредок во надминување на наметнатиот проблем од страна на Бугарија и дека до крајот на годината е можно одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ.

Се огласија и владините коалициони партнери, со гаранции дека мнозинството е стабилно и дека нема потреба ниту од оставка на премиерот, уште помалку од предвремени избори.

И сето ова во насока на вршење притисок врз премиерот да ја повлече „избрзаната“ одлука и да продолжи да ја води Владата.

Меѓутоа, само тие кои не го познаваат Заев, можат да се залажуваат дека со разни петиции, потписи или апели ќе го натераат да ја смени одлуката. И без разлика дали некој мисли дека заминува во незгоден момент, дека треба да остане барем до (можниот) декемвриски расплет на проблемот со источниот сосед, со сигурност може да се каже дека заминувањето на Заев од политичката сцена, е сосема извесно. Привремено или засекогаш, ќе покаже времето.

Допрва ќе се откриваат и анализираат причините за неговата двојна оставка, иако добар дел од нив на јавноста и сега и’ се познати.

Тактизирањето, неодлучноста на ЕУ да и’ возврати на нашата држава за сето она кое Владата и Заев го направија во изминатите нецели 5 години, од зборови да премине на дела и да и’ ги отвори вратите за влез во големото семејство на европските народи, секако дека е една од причините. Ништо помало не беше влијанието на оние другите фактори: проблемите поврзани со „танкото“ парламентарно мнозинство, големите апетити на коалициските партнери, корупциските афери поврзани со високи државни функционери, лошото менаџирање на поголемиот дел од Општините и државните институции, ниските удари од влијателни политички и бизнис структури блиски до СДСМ за време на изборниот процес…

Сепак, голем дел од вината Заев ќе треба да ја лоцира кај себе: во неговата преголема верба во оние кои со ништо не го заслужија ниту неговото пријателство, ниту пак безрезервната доверба која им ја укажуваше во неограничени количини.

Она коешто Заев не успеа да го постигне во партиското делување, покрај непринципиелната кадровска политика, беше воспоставувањето внатрепартиска дисциплина, како и справувањето со рак-раната на социјалдемократите – ароганцијата!

Иако од првиот ден со личен пример покажуваше како треба да изгледа однесувањето на секој државен и партиски функционер, на секој член на партијата, неговите заложби останаа истрел во празно. Исто како што остана мртво слово на хартија усвоениот Етички кодекс за членовите и носителите на раководни должности во партијата и државата.

Фактот дека најавувата метла никогаш не заигра во дворот на „Бихаќка“ и на „Илинденска“, дополнително ги охрабри неодговорните и неспособните партиски кадри поставени на раководни позиции, да продолжат да го прават она што го правеа од првиот ден на нивното именување: да го урнисуваат рејтингот на партијата, но и угледот на човекот кој на тацна им ги подари незаслужените функции.

Преоптоварен со редица проблеми од објективен и субјективен карактер, Заев како да го испушти од вид она најважното: дека пресекувањето на „папочната врска“ на функционерите со “обичните“ членови, со кои 11 години заедно го јаделе опозицискиот „леб со седум кори“, отсекогаш бил најсигурниот пат за заминување во опозиција.

Наместо пост скриптум:

Мојот покоен дедо Пецо, татко на мојата мајка, беше селски човек со градски манири и големо срце. Учесник на Сремскиот фронт. Партизан. Во моите младешки денови, во миговите на евоцирање спомени, често ми го кажуваше следното:

„Кога тргнавме на Сремски фронт, сите јадевме од ист казан и на исто место. И обичните војници, и командантите. Кога се враќавме од фронтот, јадевме од ист казан, ама на различни места. После војната, јадевме од различни казани и на различни места“.

Секоја сличност со актуелните настани е намерна и нималку случајна!

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …