Зошто е толку проблематичен законот за Јавно обвинителство?

Зошто е толку проблематичен законот за Јавно обвинителство?

Опозицијата има забелешки за „вдомувањето“ на обвинителите од СЈО со предлог законот за јавно обвинителство. Власта очекува поддршка на законот со кој, како што велат, во иднина ќе нема злоупотреби во текот на судењата и со кој сите ќе имаат еднаков третман и нема да има привилегирани политичари.

Власта и опозицијата денеска ќе се обидат да се договорат за Законот за јавно обвинителство. Бојан Маричиќ од власта и Тимчо Муцунски од ВМРО – ДПМНЕ ќе разговараат за тоа како натаму да течат разговорите за законот, за чие поскоро усвојување апелираше ЕУ. Додека ВМРО-ДПМНЕ го анализира последниот предлог на власта за законот, партиите меѓусебно се обвинуваат дека другата страна не сака да го изгласа законот за да си го сокрие криминалот во своите редови.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека со самото тоа што опозициската партија не сака да го изгласа законот, не може да се заокружи правната рамка за да може јавните обвинители да работат слободно.

„Законот ако го донесеме, тој е системски, структурен закон, со тоа го заокружуваме целиот пакет на реформи во правосудството. Законот за јавно обвинителство дава сериозна рамка за да дејствуваат јавните обвинители, односно нема да ги гледаме сите овие барања од страна на адвокатите, на одбраната, на осомничени, на осудени коишто се злоупотребуваат, затоа што оваа рамка не е заокружена. Овој закон ќе ги донесе сите под еднаков третман во државата и никого нема да стави во привилегирана положба без разлика дали е опозиција или власт“, вели Заев.

За усвојување на законот е потребно двотретинско мнозинство. Заев вели дека се подготвени на компромиси сè додека тоа го дозволува правосудниот систем и сè додека тоа е во согласност со рамката на ЕУ.

Власта на крајот на минатата недела достави нов предлог закон за јавно обвинителство до најголемата опозициска партија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека она што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што по 12 април ќе заминат во опозицијата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, запрашан за забелешките на предлогот рече дека експертски тим го разгледува предлогот, по што ќе излезат со свој став. Тој вели дека доколку не се донесе законот, ВМРО-ДПМНЕ не може да носи одговорност ако со тоа се блокираат преговорите со ЕУ.

„ВМРО-ДПМНЕ не може да преземе одговорност за тоа што Заев сака да го направи за свои политички цели. Да бидеме јасни, Заев повторно сака да си направи свој закон со кој повторно ќе може да гони противници, и да биде еден вид деспот во Македонија, не може тоа така. Ако зборуваме за реформи и ако навистина сакаат европски закони, тогаш дајте навистина да направиме реформски закон“, рече Мисајловски.

Кој од што бега?

За власта, ВМРО-ДПМНЕ бега од истрагите на СЈО, за опозицијата власта бега од квалитетна институција која нема да замижува пред криминалот. Најголем дел од предметите на СЈО се однесуваа на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу обвинетите има и актуелни пратеници од партијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, изјави и дека за нив најголем проблем е и тоа што имотот на партијата е замрзнат со една од истрагите на СЈО.

Власта во одбивањето на опозицијата гледа обид „да се заштитат криминалците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“. На ВМРО-ДПМНЕ пак им пречеа персоналните решенија кои ги предлагаше СДСМ, прво поддршката за Катица Јанева, потоа предлогот Вилма Русковска да стои на чело на новото обвинителство кое требаше да се формира. ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека ако се донесе квалитетно решение на закон за јавно обвинителство, тогаш, како што велат, Обвинителството нема да замижува, туку да отвара истраги за сите наместени тендери, афери и скандали, а криминалците од власта да одговараат за општиот грабеж. Што според нив не и одговара на сегашната власт.

Извор: Радио Слободна Европа

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

ЈЗУ Општа болница Прилеп: Изјавата на Александар Николоски од ДПМНЕ е лага и груба манипулација со политичка позадина

ЈЗУ Општа болница Прилеп: Изјавата на Александар Николоски од ДПМНЕ е лага и груба манипулација со политичка позадина

Реакција на Кети Смилеска, директорка на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ Прилеп на вчерашната изјава …