Зошто е важна политичката едукација?

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Можам да претпоставам дека политиката на многу од нас не ни асоцира на доблест. Напротив, кога велиме “политика“, тогаш ни се надоврзуваат негативни поими кои неа ја опишуваат како измама, манипулација, искористување, злоупотреба… Тоа, секако, не е случајно, туку е резултат на нашите досегашни искуства со оние кои биле избрани и оние кои донесувале одлуки кои, според редот на нештата, би требало да бидат за општо добро.

Упс!!! “Општо добро“… Уште еден термин кој кај нас речиси и да нема значење. Кој денес, воопшто, на памет го има општественото добро и кој има чувство за општествена одговорност!? Катерина Блажеска, новинар во некогашниот „Дневник“, во 2011 година напиша колумна со наслов „Од Харвард до УКИМ”, во која многу успешно направи паралела на свеста на граѓанинот за општественото добро и што е она што треба да се почитува.

Имено, на најелитниот светски универзитет “Харвард”, во 2011 година се случил протест. Студентите го напуштиле предавањето на професорот по економија Грег Менкју, кој бил и економски советник на Џорџ Буш и чии совети довеле до најголемите промаршувања на економски план во поновата историја на земјата. СТУДЕНТИТЕ истакнале дека токму тој е еден од клучните архитекти на економскиот крах поради “проповедање” на економија, што доведе до тренд 1% од Американците да просперираат, а 99% да паѓаат во долгови до гуша. За сето ова студентите му пишуваат на професорот преку еден пишан медиум, за да му објаснат зошто го напуштиле неговиот час.

Две работи тука лично ме фасцинираат. Првата, секако, е чувството за општествена одговорност на студентите, и втората – знаењето на што да се придаде значење. Не се почитува функцијата, во конкретниов случај економски советник, која носи погубни политики по општествениот развој и благодет на мала група “моќници”. Не се почитува функцијата која е одговорна пред лидерот наспроти граѓанинот! Не се почитува личноста која ја има функцијата, а притоа нема став по однос на неговите надлежности! Не се почитува личноста која има некој формален авторитет, а притоа е нефункционална во општествена смисла!

Во 27 години, самостојност, што и да значи тоа, сведоци сме на голем број нефункционални функции! Одговорност за тоа имаат личностите кои без никаков интегритет и кредибилитет ги прифаќаат тие функции и се проформа “функционери”, но од друга страна одговорни се сите учесници во образовниот процес и процесот на социјализација на граѓанинот. Затоа сметам дека во вакви периоди, каде што општествената организација повеќе личи на дезорганизација, неопходно е да се преземат едукативни чекори кои ќе ја подобрат политичката едукација на граѓанинот. Само политички едуциран граѓанин ќе знае и ќе препознае што значи функција, која е должноста и која е одговорноста на функционерот! И притоа ќе знае дека мора да се бара одговорност!

Политиката не се политичките партии! Политиката е идеја за подобро организирање на заедничкото општествено живеење!

Ако и понатаму се губиме во нефункционалното, ќе останеме на мислата дека политиката е “системско организирање на омраза”, како што вели Хенри Адамс. Но, таквиот поглед на политиката создава социјални јазови, незадоволни маси, непродуктивни работници, изгубени интелектуални капацитети.

Затоа е потребно да се зголеми нивото на политичка едукација на граѓанинот, кој треба да знае дека политиката е благородна активност поради нејзиниот “јавен” карактер, како што вели Аристотел. Како надоврзување на истото, Жан Жак Русо упатува на тоа дека само со директна и постојана политичка партиципација на граѓаните во политичкиот живот, државата може да се поврзе со “општото добро”. Граѓанинот мора да знае дека не учествува во политичкиот процес само со неговото право на глас. Тој секогаш, без исклучок, треба да повикува на одговорност!

Без чувство за општествена одговорност, се достигнува ова ниво на кое сме денес! Без политичка едукација, ова ниво може да се зацврсти и да стане култура на однесување, што како последица неминовно ќе придонесе за уште “попрогресивен“ регрес!

Меѓу другото, целта на политичката едукација е да го научи граѓанинот ДЕКА НЕ Е САМО ПОТРОШУВАЧ на  својот живот, на својата работна сила, интелектуален капацитет, консумент на индустриските производи, а сето тоа за “функционерот” да биде нефункционално “важен и моќен”!

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …