Зошто е значаен 10 Декември 1948 година?

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Што претставува овој датум? Зошто е важно да се потсетиме што се случило на овој ден?

На 10 Декември 1948 година, во Генералното собрание на Обединетите нации беше усвоена и прогласена Универзалната декларација за човекови права.

Генералното собрание на Обединетите нации ги повикува сите земји за објавување, дистрибуирање и читање на оваа декларација, посебно во училиштата и другите образовни институции, без разлика на политичкиот статус на државите или териториите. Во тоа време СФРЈ, заедно со Белорусија, Чехословачка, Полска, Украина, Советските Социјалистички Републики, Јужна Африка и Саудиска Арабија, преку претставникот во Обединетите нации гласаше воздржано за оваа декларација. Што значи, дека и Република Македонија тогаш била дел од “воздржаните”.

Голем дел од содржината за оваа декларација произлегува од Француската револуција во 1789 година, по која Националното конститутивно собрание на Франција ја прогласува Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот. Ова е важно, за да сфатиме колку време е потребно за да се разбере одредена идеја како вредност (1789-1948), и на крај, колку време треба да помине за да воопшто почне да биде разбрана од страна на граѓаните и оние кои ја имаат политичката моќ за влијание и одлучување (1948-2018)?

Кои се овие права? Што значи обврската да ги знаеме и да ги споделуваме истите?

Ќе издвојам само мал дел од Декларацијата:

Секој има право на сите права и слободи наведени во оваа Декларација, без разлика од каков било вид, како што се: раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имот, раѓање или друг статус; Секој има право на живот, слобода и лична безбедност; Никој не смее да биде подложен на тортура, на суров, нехуман или понижувачки третман или казна; Никој не смее да биде подложен на произволно апсење, притвор или прогонување; Мажите и жените кои се полнолетни, без никакви ограничувања врз основа на расата, националноста или религијата, имаат право да склучат брак и да основаат семејство. Тие имаат право на еднакви права пред бракот, за време на бракот и по неговото раскинување; Секој има право на слобода на мислење и изразување, ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да бара, да прима и да дава информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите; Секој има право на слобода на мирно собирање и здружување; Секој има право на одмор и рекреација, вклучувајќи разумно ограничување на работното време и на повремен платен одмор; Секој има право на животен стандард соодветен за здравјето и благосостојбата на нему и на неговото семејство, вклучувајќи храна, облека, живеалиште и медицинска грижа и неопходни социјални услуги, и право на осигурување во случај на невработеност, болест , инвалидност, вдовство, старост или друг животен недостаток во услови надвор од неговата контрола. На мајките и децата им припаѓа посебна грижа и помош. Сите деца, без разлика дали родени во или надвор од брак, ќе ја уживаат истата социјална заштита; Секој има должности кон заедницата во која единствено слободниот и целосен развој на неговата личност е можно…“.

Овие услови кои меѓусебно треба да си ги обезбедуваме, се основа за да може еден човек да има подлога за да се изгради како достоинствена, ефикасна и одговорна личност. Овој ден и овој документ треба да не’ поттикнат уште еднаш да ја прочитаме Универзалната декларацијата за човекови права, да се потсетиме колку од нив ги немаме, да се потсетиме колку борбата не е завршена.

Цивилизациската придобивка од луѓето кои размислувале на овој начин, не смее да биде непознаница за нашите граѓани. Тие мора да знаат кои се основните човекови права и кога истите се злоупотребени. 229 години после Француската буржоаска револуција, од каде се поставува основата за документот, и 70 години од усвојувањето на Декларацијата за универзални права на човекот, во кое како земја не учествуваме, ние сме на почеток од процесот за остварување и обезбедување на основните човекови права. Нашата генерација можеби нема да допринесе за дополнително уназадување?

 

П.С. Целиот текст на Декларацијата за универзални права достапна на:  https://civil.org.mk/wp-content/uploads/2013/05/djeklarazia.pdf

Прочитајте повеќе

Избори во Русија: Путин се велича и се колне во единство

Резултатот е очекуван: Владимир Путин шест натамошни години ќе остане на чело на земјата. Вистинска …