ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА: Митови околу развојот на вештачката интелигенција

ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА: Митови околу развојот на вештачката интелигенција

Зголемениот интерес и возбудата околу развојот на вештачката интелигенција (ВИ) изминативе децении создаде многу митови, шпекулации и неосновани тврдења, кои, воглавно, создаваат страв и сомнеж околу иднината на оваа технологија. Поради популаризирањето на оваа тематика во научно-фантастичната литература и уметноста, за едни, „семоќната“ вештачка интелигенција ќе го заземе светот и ќе го пороби човештвото, а за други – не е ништо повеќе од обичен термин поврзан со технологијата. А вистината е некаде на средина.

Преку платформите за социјални медиуми, мобилните апликации, автономните возила, паметните уреди во домот – ВИ со години е дел од нашето опкружување и го олеснува секојдневието на луѓето ширум светот. Но, иако речиси секој од нас носи вештачка интелигенција во својот џеб, вградена во мобилните телефони и секојдневно од неа бара помош – одговори на прашања или насоки за движење и ориентација – малкумина всушност разбираат што претставува вештачката интелигенција, на кој начин функционира истата и колку е оправдан стравот дека може да стане попаметна од оној што ја користи и контролира.

За секој да може го разбере збунувачкиот пејзаж на вештачката интелигенција, од суштинско значење е да се одвојат митовите од реалноста. Затоа, во новото од серијата видеа „Зошто (не) е така“ каде разбиваме митови и дезинформации, фокусот е ставен токму на развојот на вештачката интелигенција. За тоа што е мит, а што не и дали и зошто некои работи околу развојот на ВИ се или не се така, зборуваат професорите Ѓорѓи Маџаров од ФИНКИ, Тамара Димитрова од „Бреинтер Некст Колеџ“ и Бардил Јашари, извршен директор на Фондација Метаморфозис.

Митови за вештачка интелигенција:

1. Вештачката интелигенција подразбира роботи кои зборуваат, реагираат и се однесуваат како луѓе

Делумно е така. Точно е дека вештачката интелигенција се користи во роботиката, односно, меѓу другото, се користи и за создавање роботи кои зборуваат и се однесуваат како луѓе. Но, употребата на вештачката интелигенција е многу поширока од ова.

Иако книгите и филмовите со научно фантастична тематика ја претставуаат како таква, во моментов реалноста е сосема поинаква.

Дали ќе станува збор за автоматизација на одреден процес – како што е филтрирањето на спам мејлови кои не би трбало да ги добиеме, или тоа ќе биде препорака на филмови на Нетфликс или препорака на видеа на Јутјуб или некоја друга платформа, или можеби одржување на машини во нивната посакувана работа состојба – ова се само дел од областите во кои денеска вештачката интелигенција наоѓа огромна примена.

2. Вештачката интелигенција може да се развива сама без помош на човекот

Не е така. Сѐ уште не сме стигнати до таму. Во фазата каде што сме денес, ВИ е целосно зависна од човекот и од технологијата и алгоритмите што човекот ги развива и создава.

Со други зборови, мора да постои одредена експертиза за дефинирање на одреден проблем.

Но, истовремено, постои цела идеологија која ја развива Реј Курцвел околу ова тврдење – тој го опишува неговиот Закон за забрзување на поврат, кој предвидува експоненцијален раст на технологијата, односно компјутерските науки, генетиката, нанотехнологијата, роботиката и вештачката интелигенција.

Тој вели дека во моментот кога една ВИ ќе успее да стане свесна, во тој момент таа ќе создаде ВИ што е помоќна од неа, и така сѐ додека не се постигне таа „точка на сингуларност“ која Курцвел ја дефинира. Тогаш ќе постои ВИ создадена од претходните ВИ која ќе биде бескрајно помоќна од целата човечка интелигенција заедно.

Но, ова е само една од многуте идеологии, повеќето развиени од автори кои пишуваат на научно-фантастична тематика, иако Курцвел не спаѓа во овој жанр.

3. Нивото на вештачката интелигенција се приближува до она на човечката

Делумно е така. Се приближува, но сѐ уште е далеку. Во секој случај, точно е дека постојат апликации управувани од вештачка интелигенција кои работат побрзо од луѓето, имаат повисоки оперативни вештини и прецизност и можат да вршат многу повеќе работи во исто време, а особено кога станува збор за некоја мачна и монотона работа.

Генерално, постојат два правца во рамки на ВИ. Првиот правец е „Конкретна ВИ“ која се занимава со решавање на многу специјализирани конкретни проблеми на ВИ, додека другата е „Генерална ВИ“ (General AI/Strong AI) која сѐ уште е во концептуализација, па сѐ уште нема решение со кое би имале ВИ која ќе се справи со сите проблеми.

4. Вештачката интелигенција ќе прави медицински дијагнози и ќе носи медицински одлуки за здравствените состојби на пациентите

Така е. Веќе сме таму. Не им дозволуваме на машините целосно сами да воспоставуваат медицински дијагнози, меѓутоа истите помагаат при донесување одлуки од страна на медицинскиот персонал.

Во одредени сегменти е докажано дека медицинските дијагнози направени од програми се попрецизни од оние што ги прават докторите. Но, постои стигма која ние како луѓе не можеме да ја надминеме, а тоа е да нѐ дијагностицира една машина. Ваков пример имаме и со летањето во авион, каде нам како луѓе ни е потребно да знаеме дека постои пилот во кабината, иако програмите го управуваат најголемиот дел од времетрањето на летот. Односно, пилотот најчесто има улога само во полетувањето и слетувањето на авионот. Но сепак, нас нѐ смирува фактот дека има човек кој управува со тоа летало.

Иста е ситуацијата и во медицината, каде што машините некогаш знаат да направат подобра дијагноза, но сепак ние сакаме сето тоа да биде асистирано и од доктор, односно од човек.

5. Развојот на вештачката интелигенција ќе доведе до човечко ропство и доминација на технологијата

Не е така.  Ова е веројатно дел од замислите на филмската индустрија кои сакаат да ги претстават ваквите идеи напишани од авторите на научна фантастика.

При давањето одговор на ова прашање, мора прво да се дефинираат поимите човечко ропство и доминација на технологијата. На пример, можеме да кажеме дека доминација на технологијата имаме и денес. Не можеме ништо да направиме без технолгоија – впрочем, и од дома не излегуваме без нашиот мобилен телефон или пак се враќаме назад кога ќе забележиме дека сме го заборавиле некаде.

Технологијата е само алатка без која не можеме. Ако правилно и паметно се однесуваме кон неа, таа и понатаму ќе биде наша алатка и помош за подобра иднина.

Вештачката интелигенција, всушност ќе го зголеми и зајакне капацитетот на луѓето и нивната ефикасност. Но, нема да ги замени, а уште помалку да ги пороби.

6. Вештачката интелигенија ќе ги замени сите работни места на човекот

Не е така.  Ќе се заменат многу работни места, но истовремено ќе се отворат и многу нови. Работите кои бараат креативност и стратегија е тешко дека некогаш ќе бидат заменети од ВИ. Иако денес имаме софтвер кој може да пишува текстови, новели, па дури и да прави слики, тој тоа го прави со комбинирање и копирање на веќе напишани или насликани уметнички дела.

Развојот на вештачката интелигенција, всушност, ќе отвори огромна плејада на нови работни места за кои ние како луѓе уште не сме ниту свесни дека ќе постојат, а кои ќе бидат насочени кон одредени гранки како што се социологијата, психологијата, медицинската нега, образованието и слично.

7. Потребни се дата-аналитичари и експерти за Машинско учење за да се користи вештачката интелигенција

Делумно е така. За да се создаваат нови методи и истите да се унапредуваат, де факто се потребни научници баш од ова поле.

Но, постојат многу едноставни алатки во кои веќе се имплементирани разни научни методи од Машинско учење и ВИ за кои е доволно да имате основни комјутерски познавања, да ги знаете податоците и да ги внесете внатре,  и потоа да определите кои програми сакате да се искористат во целата работа за да се визуелизиреаат резултатите и потоа самите да ги интерпретирате. Се движиме кон тоа да не бидат потребни само овие научници, но во секој случај, за да се унапредува целата дејност на ВИ, мора да постојат и овие лица.

8. Во Република Северна Македонија во тек е изработка на Национална стратегија  за вештачка интелигенција

Делумно е така. Со иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) е започнат процес на креирање Национална стратегија за ВИ, но веќе извесно време нема развој во оваа насока.

Работната група имаше неколку состаноци. Целта на развојот на стратегијата е да се дефинира и изработи еден патоказ за властите, кој ќе биде добра појдовна точка за тоа како ние како држава да се позиционираме и што треба да направиме сѐ со цел да бидеме рамо до рамо, чекор до чекор со останатите држави кои веќе широко ги применуваат и реализираат стратегиите што веќе ги имаат подготвено.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …