Зошто тајните служби потфрлија во Авганистан?

Зошто тајните служби потфрлија во Авганистан?

Ни германската БНД, ниту другите тајни служби очигледно не го предвидоа брзиот победнички поход на талибанците. Зошто? Околу тоа нема речиси никакви официјални информации, па дотолку повеќе се шират шпекулации.

БНД е германска цивилна и воена тајна служба задолжена за странство. „БНД има задача да собира и обработува информации од надворешнополитичка и безбедносна важност и да ги доставува до сојузната влада во форма на вести и анализи“, стои на интернет страницата на службата.

Со оглед на оваа дефиниција, БНД во Авганистан доживеа драматичен пораз и ја доведе сојузната влада во непријатна ситуација. Зашто, уште во јуни министерот за надворешни работи Хајко Мас во германскиот парламент исклучи можност „талибанците да ја преземат власта во рок од неколку недели“. Оваа негова прогноза, може и смее да се претпоставува, битно се темелела и на информации од германските тајни служби.

Сојузната влада редовно добива информации за општата сигурносна ситуација од БНД, од Службата за заштита на уставниот поредок која дејствува на домашен терен и од воената тајна служба, МАД. Но, очигледно сите тие, а во прв ред БНД, целосно превиделе дека по повлекувањето на странските трупи од Авганистан, германските државјани и нивните авганистански соработници толку брзо ќе се најдат во најголема опасност. Во прилог на тоа зборуваат забрзаните мерки за спасување и евакуација во аеродромот во Кабул. И владата и БНД сега мораат да одговараат на критички прашања.

Претпоставки на бивш соработник на БНД

Ули Греч, пратеник од Социјалдемократската партија на Германија во Бундестагот, во изјава за Дојче веле побара итно свикување вонредна седница на парламентарната контролна Комисија за тајните служби, чиј член е тој самиот. „Сојузната влада, тајните служби, а и нашите странски партанери погрешно ја проценија ситуацијата околу повлекувањето на трупите“, смета тој и нагласува дека очекува „темелна обработка и анализа на проценката на ситуацијата“. Исто така се прашува дали оваа динамика и молскавичното преземање на власта од страна на талибанците не биле предвидливи.

Бившиот соработник на БНД, Герхард Конрад на тоа прашање веќе одговори во изјава за германскиот јавен сервис АРД, непосредно по талибанското преземање на власта. Тој истакна дека тајните служби мораат да имаат бројни соработници на терен, што во Авганистан веројатно не беше случај. „Тие мора да ги познаваат движењета на противникот, на талибанците. Тие мораат исто така да ги познаваат и силите и намерите на владата“.

Конрад претпоставува дека тоа во Авганистан не било случај, барем не во доволна мерка. Ако едната страна има впечаток дека „може слободно да маршира“, појасни бившиот соработник на БНД, тогаш таа веројатно тоа и ќе го направи. „Во секој случај мора да се смета на тоа.“

Американскиот весник „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори, извести дека американските тајни служби уште во јули предупредиле на можна брза победа на талибанците. Засега нема официјална потврда на таа информација.

Logo Bundesnachrichtendienst

„Авганистанците не се борат за губитници

Зошто на талибанците им успеа толку брзо да ја преземат власта? Тоа се прашува и експертот за Авганистан, Јан Келер, чии стручни проценки се ценети и во Комисијата на Бундестагот за надворешна политика. Овој експерт работи во Лондон и на Универзитетот Олденбург во покраината Долна Саксонија. За Дојче веле изјави:

„Брзата победа на талибанците силно ги изненади и ги фати на препад и добро вмрежените авганистански и хуманитарни организации, кои таму дејствуваат со децении.“

Тој има можно објаснување за „ненадејната смрт“ на владата на претседателот Ашраф Гани, кој побегна во странство. Келер известува дека пред неколу недели имало такви кои предупредувале на брз пад на моралот на авганистанската војска. Таа, истакнува научникот, очигледно немала доверба во сопствената влада, па се предаде. Тој смета дека такво нешто било предвидливо, но брзината со која се случи била „посебно драматична“.

„Авганистанците не се борат за губитници“, вели Келер и проценува дека војската и полицијата не верувале дека владата е во состојба да победи, без поддршка од странски сили, а посебно од Американците. И покрај тоа, тој истакнува дека владата во Кабул „не била омразена“. Кај дел од населението сигурно се поставувало прашањето за нејзиниот „исламски легитимитет“, но многумина Авганистанци, па и во руралните подрачја, радо во таа влада гледале трајно решение, вели Келер.

Канцеларката како сведок?

Келер не сака да оценува дали германската влада постапувала наивно, но истакнува дека не верува оти сојузната влада и Бундесверот тука имале посебно големи можности за дејствување. Тоа се работи кои започнаа во Вашингтон, вели експертот за Авганистан и потсетува на одлуката на поранешниот претседател Доналд Трамп, настрана од авганистанската влада, без нејзино учество, да преговара за повлекувањето директно со талибанците.

„Талибанците тоа сигурно го сфатија како капитулација“, уверен е Келер. Тој исклучува можност дека сојузниците на Американците, па така и Германија, воопшто биле прашани за мислење. А потоа повлекувањето на американските трупи беше забрзано со одлука на претседателот Џо Бајден.

За БНД и кабинетот на канцеларката, анализата на направените грешки тукушто почнува, а со тоа сигурно ќе се занимава и новиот состав на Бундестагот по парламентарните избори на 26 септември. Можеби во форма на Анкетна комисија. А тогаш и Ангела Меркел мора да очекува дека ќе биде повикана како сведок, зашто БНД спаѓа во надлежност на канцеларскиот кабинет. Без оглед на тоа што тогаш Меркел нема да биде канцеларка, таа ќе мора да преземе одговорност за евентуално потфрлување на тајните служби во Авганистан во време на нејзиниот мандат.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …