Звукот на тишината

Звукот на тишината

Пишува: Зоран Милошески

На секоја досегашна власт, вклучувајќи ја и актуелната, можат да и’ се најдат мал милион пропусти, грешки и недоследности во владеењето. Меѓутоа, не постои никаква дилема дека Владата која ја водеше Груевски, е најрепресивната, најарамиската и најкорумпираната која владеела на овие простори.

Правосудството сеуште не може целосно да се ослободи од стегите на режимот од „Белата палата“. И ден денес, докажани криминалци кои партиципирале во централната или локалната власт, слободно се шетаат како пауни и наместо да го гледаат светот низ затворските решетки, тие преку медиумите и социјалните мрежи продаваат чесност и ум. Но тоа никако не го релативизира, уште помалку го минимизира фактот дека преку идиотските и криминални „проекти“, груевци „испраа“ и украдоа неколку милијарди евра.

Колку и денес да се обидуваме да глумиме лудило од типот „ништо не видов, ништо не чув“, најголемиот дел од граѓаните знаеја за масовната пљачка која под превезот на патриотизмот, ја спроведуваше злосторничкото здружување. Оти, не треба да се биде премногу паметен за да од прво се сфати дека, ако вредноста на „Скопје 2014“ од првичните 80 милиони стигнала до енормни 700 милиони евра, тогаш не станува збор за никаков проект, туку за класичен арамилак.

Дека спомениците на „Воинот на коњ“, „Таткото на воинот на коњ“, „Сопругата на таткото на воинот на коњ“, на Ќосето и плејада други сомнителни ликови од нашата или којзнае чија историја, трите врби во Вардар и четирите лавови покрај него, немаа за цел да го реафирмираат чувството на патриотизам, ами да ги наполнат џебовите на ненаситната за пари власт.

Ваквата дигресија беше со цел да стигнеме до актуелните реформи и новата концепција на дигитализација во образовниот процес, проект кој подолго време се моделираше во Министерството за образование. Повеќе од јасно е дека било која промена носи неизвесност и дека, по правило, на неа се гледа со сомнеж и недоверба. Исто како што е јасно дека Министерството за образование на исклучително лош начин го промовираше проектот. И наместо една прогресивна идеја да и’ биде силен адут пред есенските избори, лошото менаџирање на целиот процес ја доведе власта во дефанзива, а опозицијата ја извлече од заборавот.

И одеднаш се возбуди јавноста, поточно, дел од неа. Следуваа бурни реакции за концептот на дигитализација, бројни критики првенствено упатени на адреса на министерката Царовска. И нема ништо лошо или страшно во тоа што јавноста ги скенира потезите на власта, без разлика што во посочениот случај голем дел од нив беа неиздржани, исилени и партиски инструирани. Оти, критичката мисла, макар и ваква, обременета со политичко влијание, секогаш е добредојдена и препорачлива за секое демократско општество.

Дилемата дали ДПМНЕ стои зад протестите на неформалната група „Учебници и настава мора да има“, воопшто и не е дилема. Да, стои! Што, во краен случај, е легитимно право на опозицијата да поентира и на своја сметка да ги ефектуира слабостите на власта, да бара начини и форми да допре до електоратот и да ќари одредени политички поени. Впрочем, исто како што стоеше и зад „Глас за светлина“, која пред 15 години со едно половно „Југо“ цела година ја блокираше македонската метропола, штрајкувајќи против продажбата на ЕСМ-дистрибуција. Исто како што и сегашната власт во време на опозициските денови стоеше зад, или поддржуваше одредени групи и движења против тогашната власт.

Она што ја прави разликата во владеењето на претходната и сегашната власт, е гласноста на народот! Се чекаше да поминат неколку години, како да требаше Заев да го почне „бомбашкиот“ процес, па дури потоа граѓаните да се осмелат да го кренат гласот против фамилијата. Се’ дотогаш, тираниското владеење на Грујо и друштвото, го следеше звукот на тишината…

За разлика од денес, кога Заев и неговите најблиски соработници се сечиј предмет на омаловажување, вреѓање, шиканирање, клеветење, фрлање клетви и разни простачки и малограѓански побуди и фрустрации, не само што во тоа време имињата на братучедите гласно не се кажуваа, туку не се ни шепотеа.

Каде беа денешните гласноговорници и поборници против образовните реформи и дигитализацијата пред петнаесетина години, кога арамиската дружина го спроведе бомбастично најавуваниот проект „Компјутер за секое дете“? Што беше тоа ако не почеток на дигитализација на образованието? Ги консултираше ли тогаш некој децата и нивните родители дали се „за“ или „против“ воведувањето на компјутери во наставниот процес? Или тогаш беше опасно да се биде гласен и да се бара транспарентност од ресорното Министерство и Владата?

Ако случајно „подзаборавија“, ќе ги потсетам дека за таканаречениот „проект“ „Компјутер за секое дете“, се потрошија над 60 милиони евра. Притоа, голем дел од компјутерите никогаш не го видоа светлото на денот, туку останаа неотпакувани по разни подруми и магацини, или беа „гратис“ распределени по приватните фирми на луѓе блиски до злосторничкото здружување.

Ете затоа, заради селективниот пристап во реагирањето на иста „дразба“, заради целосната партизација на една потребна, но лошо „продадена“ идеја, заради злоупотребата на децата во функција на ситнопартиските интереси на мицковци, ваквите формални и неформални групи од типот на „Учебници и настава мора да има“ и „спонтаните“ протести, никогаш нема да го заслужат вниманието и поддршката на пошироката јавност!

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …