Битола: Булеварско решение за најзапустениот влез

Битола: Булеварско решение за најзапустениот влез

Општината за реконструкција на влезот и уредувањето на новиот булевар издвои повеќе од осум милиони денари, а дополнителни средства ќе обезбеди и ЈП „Државни патишта“

Пишува Анета Блажевска, Битола

Почна реконструкцијата на северниот главен сообраќаен влез во Битола или влезот од страна на Прилеп во должина од 2,5 километри. Реализацијата на проектот се врши на иницијатива на Општина Битола, во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта, а во рамки на програмата „Рехабилитација на регионалните патишта“.

Градоначалничката Нашата Петровска рече дека за почеток ќе се уредува половина од булеварскиот влез, на што ќе се надоврзе и другата половина, по што Битола би имала и булеварски влез во градот.

– Почнуваме со изведбените активности на улицата „8 Септември“, влезот во Битола од страната на Прилеп, кој подолго време беше горлив проблем за Општината. Години наназад овој зафат се наоѓаше во програмата за уредување на градежно земјиште. Задоволна сум од почетокот на работите на кои им претходеше успешно лобирање пред ЈП „Државни патишта“ кои синхронизирано со локалното ЈП „Нискоградба“ ќе овозможат заеднички да го уредиме влезот во Битола – рече Петровска при вчерашниот увид на лице место на реконструкцијата на патот.

Овој патен правец ќе се уредува и инфраструктурно, во делот на канализациската мрежа на над 400 метри.

– Наскоро битолчани, но и посетителите на градот коишто доаѓаат нема да наидуваат на дупки. Одлучивме да не биде само покривање на коловозот со асфалтирање, туку најнапред да го решиме проблемот со атмосферските води, а потоа да ставиме нов квалитетен асфалт. Паралелно со изведбените работи ќе ја отстрануваме и зачуваме камената коцка која досега била покривана со асфалт, а сега ќе ја ставиме во функција на други инфраструктурни проекти – дополни Петровска.

Општината за реконструкција на влезот и уредувањето на ново булеварско решение издвои над осум милиони денари, а дополнителни средства ќе обезбеди и ЈП „Државни патишта“. Надлежната инспекција сега е категорична дека функционирањето на обиколницата ќе се реши во најскоро време, со цел со започнувањето на градежните работи на влезот на Битола да не се создаде тесно грло.

Инспекторот за патишта, Сашо Здравевски, во телефонски разговор рече дека од фирмата изведувач „Илинден“ го известиле дека се набавени нови семафори по кражбата на двата семафора во изминатата недела и прашање е на часови кога АМСМ ќе извести дека обиколницата е пуштена во сообраќај.

Од АМСМ информираат дека поради градежни работи на регионалниот пат Р – 1101 на патен правец с. Крклино – Битола, во наредните 30 дена сообраќајот ќе се одвива по една коловозна лента.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …