„Македонија нема друга алтернатива освен членство во НАТО и ЕУ. За да ни останат младите во државата, Европа да ја донесеме во Македонија. За нови работни места и подобар животен стандард, за безбедност и стабилност на државата, на 30-ти септември ќе победи Македонија“.

Ова го истакнаа градоначалникот Илија Јованоски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на вечерашната средба со граѓаните на Прилеп, одржана на платото пред Градскиот саат.

Илија Јованоски, градоначалник на општина Прилеп:

„Ние немаме друга алтернатива. Можеме да одиме напред, да стоиме во место, или да се враќаме назад. Ние одбравме да одиме напред“.

„Младите од Македонија сакаат да бидат рамо до рамо со своите врсници од Германија, Франција, Австрија. Тие сакаат да бидат внатре, во ‘одајата’, да бидат на иста маса, да бидат еднакви со младите од развиените европски земји“.

„Не смееме да дозволиме да бидеме во изолација, туку демократските вредности кои почнавме да ги негуваме заедно со земјите членки на НАТО и ЕУ, да ги градиме и надградуваме“.

Радмила Шекеринска, министерка за одбрана

„Да бидеме на вистинската страна од историјата. Кога во 1941 година се приклучиле кон партизанското движење, имале храброст. И денеска требаше храброст. Најлесно ќе беше да чекаме проблемот да го решава некој друг. Ама кој ќе го решава ако не ние? Кога ќе го решаваме ако не сега?“.

„Немам дилеми дека е сега моментот за младите, пензионерите, невработените, да обезбедиме Македонија што е можно побргу да стане членка на ЕУ“.

„Да удриме печат за безбедноста и стабилноста на државата. Бидејќи стабилноста е како здравјето – ја цениш кога ќе ја изгубиш“.

„Европа да ја донесеме во Македонија, за младите да ни останат тука“.

Андон Јованоски-Ашата, актер во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“:

„Ќе гласам ‘за’ на референдумот, затоа што мојата ќерка замина надвор од државата. Кога ќе влеземе во ЕУ, ќе ми се врати во Прилеп“.
„Со членството на Македонија во ЕУ, ќе ставиме крај на заминувањето на нашите млади“.
„Сакам Македонија да ја видам застаната на здрави нозе, а не вратена назад 100 години“.

Гоце Макалоски, поранешен репрезентативец на Македонија во ракомет:

„Како спортист, секогаш ќе се залагам за европска Македонија“
„На референдумот ќе гласам ‘за’, бидејќи нашите млади мора да комуницираат и соработуваат со нивните врсници од европските земји“.