На летната сцена од центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп со проекцијата на филмот „Среќни 140“ во шпанска продукција, синоќа беше означен почетокот на манифестацијата „Викенд на шпански филм“ што се одржува за прв пат во Прилеп. Во организација на Општина Прилеп, амбасадата на Кралството Шпанија и центарот за култура „Марко Цепенков“, во рамките на оваа манифестација во текот на три дена, ќе бидат проектирани вкупно 4 филмови од шпанската кинематографија.

Присутните гости и почитувани на шпанската култура на почетокот ги поздрави градоначалникот Илија Јованоски, обраќајќи се на шпански јазик.

„Целта на манифестацијата е да се интензивира културната соработка со Кралството Шпанија, да се промовира шпанскиот филм, јазик и култура воопшто во Прилеп. Ние сме два пријателски народа,оттука соработката со Кралството Шпанија ни е особено значајно на нашиот пат кон европското семејство. Не само политичката, нам ни е значајна и економската соработка, што значи дека како Општина ги отвораме и вратите за заинтересираните потенцијални инвеститори од Кралството Шпанија. Интензивирањето на економските односи е многу значајно за двете земји, особено во секторот земјоделство и енергетика, преку обновливи извори на енергија и во заштита на животната средина преку проекти за соодветно управување со отпад.Но, како што реков, само со сестрана, вклучително и културна соработа ќе бележиме успеси и градиме искрено пријателство“, порача градоначалникот Јованоски, во своето обраќање пред почитувачите на шпанската култура и истакнати претставници на политичкиот и економскиот живот на градот.

И амбасадорот Емилио Лоренцо Сера, пред прилепската публика се обрати на македонски јазик, со точен акцент и пријателски поздрав.

„Сега ќе преминам на англиски или на шпански. Јас зборувам малку македонски, но не е доволно во моментов. Многу ми е драго што сум денеска со мојот пријател, г-динот Илија Јованоски градоначалник на Општина Прилеп. Ова е моја трета посета на Прилеп. Првиот пат беше во текот на Меѓународниот карневалот „Прочка“, во февруари. Вториот пат беше исто оваа недела, за отворањето на новата пречистителна станица во Прилеп, изведена од страна на шпанската компанија Ептиса. И третиот пат е сега, за Викендот со шпанскиот филм во Прилеп за што многу се радувам на интересот кој го покажа градоначалникот за шпанската култура. Во Шпанската амбасада се обидуваме на да го пренесеме и прикажеме шпанскиот филм во различни градови во Македонија, надвор од Скопје. Досега тоа го направивме во Битола, Куманово и Тетово и веќе беше време да го организираме и во Прилеп. Филмот што ќе го погледнеме вечерва Среќни 140, е прилично смешен, на крајот дури и траги-комичен. Но, она што сакам да го истакнам е тоа што филмот е режисиран од женски режисер, дамата Грациа Керехета. Таа спаѓа во групата на најуспешни женски режисери во Шпанија“, рече амбасадорот Сера.

Денеска и утре на репертоарот на „Викенд со шпански филм“ се уште три филмови од шпанската продукција,чија проекција ќе се одржи на летната сцена и во салата од центарот за култура „Марко Цепенков“.