Кумановскиот кризен штаб бара владата да воведе 14-дневен карантин во општината

Кумановскиот кризен штаб бара владата да воведе 14-дневен карантин во општината

Општинскиот штаб за заштита и спасување на денешниот состанок побара од владата да се воведе 14-дневен карантин, кој би траел 24 часа во периодот од петок, 17 април до понеделник, 4 мај. Оваа мерка е всушност барање за воведување кризна состојба, за која што денеска јавно говореше и градоначалникот Максим Димитриевски.

Општинските власти сметаат дека со ваквата радикална мерка би се почитувале досегашните донесени мерки за целата земја, но и би се вовеле дополнителни постапки на територијата на оваа општина.

Меѓу посебните 12 мерки што се дадени како предлог и што би важеле во Куманово за период од две недели, кризниот штаб го предлага издавањето на дозволи за движење само за оние лица ангажирани во стопанството и институциите, поставување на пунктови за контрола на влез и излез од Куманово и дезинфекција на возила и патници, обезбедување на непречен транспорт на намирници и други потреби за општината, но и обезбедување на дополнителен човечки кадар во здравството за непречено функционирање на Општата болница во Куманово.

Ваквите барања на кризниот штаб на денешната прес-конференција ги повтори и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој воедно е командант на општинскиот кризен штаб.

– Кризната состојба ја бараме за да се засили присуството на државните институции и органи, директно да се вклучат на територијата на Општина Куманово во борба против вирусот по примерот на Дебар – посочи градоначалникот Димитриевски.

Во меѓувреме, бројот на дијагностицирани пациенти на Ковид-19 во Куманово постојано расте. Според податоците на Министерството за здравство, само во текот на денешниот ден се потврдени 25 нови случаи на заразени лица и двајца починати од корона вирусот. Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во Куманово е 236, додека 12 лица починаа од Ковид-19.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Велибор Џаровски – Џаро

Почина Велибор Џаровски – Џаро

Еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија почина на 75 години, по кусо …