Меѓународен ден на младите: Младите ја гледаат иднината во Македонија интегрирана во НАТО и членка на ЕУ

Вчера во градскиот парк во Скопје, Агенцијата за млади и спорт (АМС) го одбележа Меѓународниот ден на младите.

На панел дискусијата, по овој повод, свое обраќање имаа директорот на АМС, Дарко Каевски, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, Сефер Селеми, основач на здружението за унапредување на демократијата „Демокраси лаб“, Нина Ангелковска, ко-основач и извршен директор на Групер и Нарин Сахакјан, заменик претставник на програмата за развој на Обединетите Нации.

Директорот Каевски, честитајќи го Меѓународниот ден на младите, во своето излагање рече дека младите луѓе во земјава се наоѓаат во ситуација во која треба да бираат дали ќе продолжат напред кон перспективи и предизвици, кои ќе треба да ги искористат, или, како што рече тој,  враќање неколку чекори назад во бесперспективност, безидејност, затвореност, нешто што ќе не изолира од младите ширум цела Европа.

„Само интергирана Македонија, Македонија, рамо до рамо со европските држави, може да ни донесе вистински просперитет. Затоа што ние со младите од Европа делиме еднакви интереси но сепак можностите не ни се идентични. Да ги донесеме тие можности тука, за ни еден наш комшија, пријател, роднина, не си ја гледа иднината надвор од својата земја, туку напротив, тука во интегрирана Македонија во НАТО, и членка на Европската Унија“, рече Каевски.

Министерката Радмила Шеќеринска, во своето обраќање се осврна на прашањата за предизвиците и обврските на Владата на Република Македонија во отворањето подобри шанси за младите.

“И во Владата разговараме како да им отвориме повеќе шанси на младите, и тука се гледа можноста која ни ја дава ЕУ и НАТО. Тоа е вратата која ќе им се отвори и на помладите од мене, а од нас зависи дали ќе останеме на приземје или ќе се искачиме на стотиот спрат.“, „НАТО ќе ни ја даде сигурноста и стабилноста, и ресурсите за да можеме да се подобруваме дома, но и за да обезбедиме иднина за младите тука“ рече вицепремиерката Шеќеринска, и додаде дека отворањето на шанси е дел од описот на работата на Владата на Република Македонија.

Нина Ангелковска, извршната директорка на Групер, во своето обраќање пред присутите порача дека никој нема да не однесе таму каде што сакаме да одиме, освен ние самите.

„Да останете дома, да работите дома, да придонесувате дома, а сепак да сте препознаени од светот е стварно многу голема гордост “, рече Ангелковска.

Заменик претставникот на програмата на Обединетите Нации, Нарин Сахакјан, во своето обраќање на вчерашнот настан рече дека Обединетите Нации го слават овој ден на младите ширум светот, со цел да ги сослуша младите и заедно со нив да гради подобра иднина, за како што рече таа, со тоа да им се помогне на младите да ги надминат многубројните предизвици со кои се соочени.

“Во остварувањето на оваа глобална задача на Обединетите Нации, ние тесно соработуваме со Владата во насока на решавање на најитните потреби на младите луѓе во земјава. Меѓу другите проблеми беше истакната и невработеноста на младите која остава последици врз општеството во целина. Ова е една од причините зошто вложивме многу стручни ресурси заедно со Владата, во осмислувањето и реализацијата на национална програма за самовработување, преку финансиска помош и обуки за старт-ап бизниси, со цел невработените да отворат свој бизнис“, рече претставничката на ОН, Сахакјан.

Основачот на здружението за унапредување на демократијата „Демокраси лаб, Сефер Селеми, во своето излагање се осврна на перспективите и можностите на Младите во Македонија, за што рече дека тесно се поврзува со интергациите на Македонија во Европската Унија.

“Што значи европската перспектива за младите? Тоа е надеж, цел патоказ. Тоа е местото каде треба да одиме, и затоа е исклучително важно, таа перспектива не само да ја имаме, но сите активно и безусловно да се ангажираме да ја обезбедиме таа европска Македонија. Европа е Македонија на мојата генерација, но и на генерациите кои ќе идат после нас“, рече Селеми.

Во склоп на панел дискусијата, по повод Меѓународниот ден на младите, присутните граѓани имаа можност да поставуваат прашања до панелистите, и преку отворена дебата да добијат одговори за конкретните чекори и мерки кои Владата, бизнис секторот и граѓанските организации ги превземаат за запирање на одливот на млади луѓе од Македонија и нивно ангажирање и реализација во Република Македонија.

Одбележувањето на Меѓународниот ден на младите беше проследен со музички перформанс.

Прочитајте повеќе

Силно полициско обезбедување во пресрет на чествувањето на Гоце Делчев

Под силно полициско обезбедување денеска делегации, функционери, политичари и граѓански здруженија со полагање цвеќе на …