Италијанскиот весник „Ла Верита“ (Вистината) на своето онлајн издание објави делови од видео и аудио снимки кои се поврзуваат со случајот „Рекет“ во Македонија, во кој Бојан Јовановски – „Боки 13“ и Зоран Милевски – „Кичеец“ се сомничат дека изнудувале пари за да влијаат врз случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство, односно за одредена сума на пари да го ослободат од притвор осомничениот бизнисмен Јордан Камчев преку влијание врз обвинителката Катица Јанева. Во моментов тие двајца се во притвор, а Камчев од осомничен во случајот „Империја“ стана сведок на Основното јавно обвинителство во случајот „Рекет“.
Во првите четириесетина секунди од видеоснимките кои се објавени е прикажана голема сума на пари во апоени од 50 евра, спакувани во „Луи Витон“ патна торба. На овој дел од снимката, која е очигледно направена со мобилен телефон, најпрво се појавува машка рака која ги прикажува спакуваните евра, па потоа и рацете на женска особа која брои пари во апоени од 500 евра. Во следниот кадар, исто така снимен со мобилен телефон, е прикажан рачно напишан документ на кој изгледа дека се испишани бројот на апоените од по 100, 200, 500 и 50 евра. Вкупната бројка наведена во рачно напишаниот документ е еден милион – 1.000.000. Во овој дел од видео-снимките не е видлив датумот на снимање.
Вториот дел од објавените видео-снимки се всушност исечоци од снимки на безбедносни камери, најверојатно во домот на бизнисменот Јордан Камчев. На нив стои датум 20 февруари 2019 година, 16 часот и 10 минути. Во овој дел од снимките може да се видат вкупно четири лица во претсобјето и пред влезната врата од куќата.
На снимката прв се појавува Зоран Милевски – „Кичеец“ со „Луи Витон“ патна торба во раката, а зад него и Бојан Јовановски – „Боки 13“ со уште една рачна „Луи Витон“ чанта. Едно непознато лице им ја отвора влезната врата, а се појавува и бизнисменот Јордан Камчев, кој ги испраќа до вратата. Овој дел од снимката трае 26 секунди.
Следниот кадар е од безбедносната камера во дворот на куќата насочена кон надворешниот дел. Во заднината се гледа црно возило и кренати автоматски попречувачи за возила на патот. Од дворот излегуваат „Кичеец“ и „Боки 13“ сè уште држејќи ги торбите во раце и се движат одалечувајќи се од возилото. Во моментот кога се губат од екранот, попречувачите се спуштаат а црниот автомобил свртува во лево, кон куќата. Следната видео снимка од безбедносна камера ги прикажува „Кичеец“ и „Боки 13“ како влегуваат во друго возило.
Во вториот дел на видеото е објавена аудио-снимка, а на екранот се гледа превод на англиски јазик од разговорот кој се води. На снимката, која не е телефонска, се слушаат гласовите на „Боки 13“ и на Јордан Камчев. Боки му најавува на Камчев дека ќе биде ослободен во понеделник, најдоцна вторник, а обвинителката Катица Јанева „нема да употреби вонредни правни лекови и да го одолговлекува моментот“.
Камчев, со одлука на Врховниот суд беше ослободен од куќен притвор на 4 март.
Целиот транскрипт од аудио разговорот:
– Во понеделник ќе ве ослободат.
– Добро.
– Вторник, најкасно веројатно. Врховен ќе ве ослободи.
– Врховен? Не може да дојде до Врховен до понеделник.
– Да, тогаш ќе дојде. Нема да употреби СЈО вонредни правни лекови, нема ништо да употреби.
– А Апелација?
– Па Апелација ќе Ве одбие. Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни. Врховен се жалите, као втор степен. Начелното правно лице и советот се повикува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го продолжува, да го одолговлекува моментот, во понеделник, вторник, вие сте на слобода.