Објавен Протоколот од втората средба на меѓувладината македонско-бугарска комисија

Објавен Протоколот од втората средба на меѓувладината македонско-бугарска комисија

Вклучување на бугарскиот и другите народи кои живеат на територијата на Северна Македонија во Уставот, забрзување на работата на Историската комисија, справување со говорот на омраза, чествување на заеднички историски настани и личности, промена на содржини во учебниците по историја и географија, се дел од одредбите содржани во Протоколот кој вчера го потпишаа министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Протоколот меѓу двете држави е записник од вчерашниот втор состанок на мешовитата македонско-бугарска меѓувладина комисија, чија цел е спроведување и унапредување на Договорот за добрососедство.

Потпишувањето на овој документ следи по тридневната дебата во македонското Собрание и прифаќањето на Владата на францускиот предлог за преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ.

Во Протоколот се наведуваат досегашните постигнувања, како и следните чекори кои треба да се направат во меѓусебната соработка, меѓу другото, и во областите на економијата, земјоделството, финансиите, инфраструктурата, транспортот, комуникациите, енергетиката, животната средина, владеењето на правото и образованието.

Содржината на Протоколот, која на прес-конференција ја претстави министерот за надворешни работи Бујар Османи, предвидува дека Историската комисија нема рокови за своите одлуки, но и дека учебниците, историските натписи, заедничките историски настани и личности ќе зависат од заедничките одлуки на мешовитата комисија. За оваа и наредната година, историчарите договориле заедничко чествување на неколку историски личности и настани, а во документот пишува и дека, „доколку има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности“.

Меѓу мерките кои треба да бидат преземени по одржувањето на Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори, е и промената на учебникот по географија за 7 одделение „заради неосновани етнички/територијални претензии“, потоа преземање на ефикасни мерки за превенција на недобронамерната пропаганда и одвраќање на активностите на приватни субјекти насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други активности кои би ги повредиле односите меѓу двете држави.

Во темата за историјата, пишува и дека, не подоцна од учебната 2024-2025 година, двете држави треба да ги усогласат сите учебници по историја.

Во обврските за Северна Македонија е наведено преземање мерки со кои ќе се осигура ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во земјава.

Бугарија, пак, со потпишувањето на Протоколот потврдува дека ќе даде согласност за усвојување на конечниот предлог на француското Претседателство со Советот на ЕУ за усвојување на Преговарачката рамка и комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

По претставувањето на Протоколот, Османи рече дека со целата морална и политичка одговорност тврди дека македонскиот јазик останува чист, без фусноти и додавки.

„Имавме три важни прашања за нас и тоа – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата и да почнат преговорите сега. Трите ги добивме. Република Бугарија доби условување на втората меѓувладина конференција со уставни измени. Тоа е компромисот“, изјави Османи.

Тој најави дека со првата меѓувладина конференција со ЕУ која треба да се одржи утре, всушност почнуваат и преговорите за членство во Унијата со скрининг врз нашите институции.

„Во вторник не само што почнуваат преговорите, не само што ќе има класична прва меѓувладина конференција, ќе има изјава за отворање. Истиот ден попладне почнува скринингот. Од тој момент почнуваат да се бројат деновите до членство. Од тој момент експертите на ЕУ почнуваат да влегуваат во нашите институции да го направат скринингот“, истакна шефот на македонската фипломатија.

Во случај работата на Комисијата за историски прашања да не даде резултат, Османи вели дека тоа не може да биде основа за Бугарија да го кочи процесот на преговори со ЕУ.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Уставен суд ќе расправа за Законот за јазиците

Уставен суд ќе расправа за Законот за јазиците

Уставниот суд денеска треба на седница да се произнесе за иницијативите за оценување на уставноста …