На денешната голема централна прослава на големиот државен празник 2 Август Илинден кој оваа година се празнува под слоганот „Сите сме деца на Илинден“ на Мечкин Камен во Крушево високи државни делегации од Владата, Собранието на Република Северна Македонија и од Канцеларијата на Претседателот на Република Северна Македонија, делегации на дипломатскиот кор, судската власт, МАНУ, општините и политичките партии оддадоа почит и положија цвеќе на споменикот Мечкин Камен.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев предводеше владина делегација во состав Заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министер за здравство, Венко Филипче, министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерка задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и заменик министерот за култура, Владимир Лазовски, којашто се поклони пред споменикот на Мечкин Камен, оддаде почит и положи цвеќе.
На Мечкин Камен од бројните граѓани беа пречекани и поздравени илинденските коњаници.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев имаше свое свечено обраќање во кое порача дека наша патриотска должност е да го следиме победничкиот стремеж на Илинденците од 1944, исто како што го следеа борбениот стремеж на Илинденците од 1903 – стремежот за светла иднина на македонската Република и сите нејзини граѓани.
Прославата на Мечкин Камен продолжи со културно уметнички точки и настап на националниот ансамбл Танец и на КУД Емин Дураку, а во чест на големиот државен празник беше интонирана и македонската химна во изведба на тенорот Влатко Груевски.