Оваа година Европската недела на мобилност се организира на тема „Walk with us!“ или „Пешачи со нас!“, а фокусот е ставен на сигурното пешачење и возење велосипед.

Пешачењето и возењето велосипед стануваат се’ позначајни во современиот начин на живот. Пред околу половина век, пешачењето и возењето велосипед го практикувале сите оние кои не можеле да си дозволат да поседуваат и користат автомобил. Меѓутоа, состојбата денес е поинаква и градовите повеќе не се во можност да го поднесат огромниот метеж од возила кои секојдневно ги загадуваат и заглавуваат улиците. Затоа, преку овогодинешната кампања се поттикнуваат граѓаните да ги променат навиките и почесто да користат активни начини на движење или да го комбинираат пешачењето и возењето велосипед со користење на јавниот транспорт.

Европската недела на мобилност има за цел да ја поттикне мобилноста на жителите на европските градови и да ги мобилизира градските власти и институциите да размислуваат, планираат и работат што повеќе да се користи алтернативниот превоз, а во истовреме да ја подигнат јавната свест за придобивките од пешачењето и движењето.

Општина Прилеп ќе ја одбележи Европската недела на мобилност 2019 со активности посветени на подигање на јавната свест за користење на алтернативни начини на движење и превоз.

Во четврток, на 19 септември ќе биде обезбедено бесплатно користење на автобусите на јавниот градски превоз за сите граѓани во текот на целиот ден, со што сакаме да ги поттикнеме граѓаните да не ги користат своите автомобили и да стекнуваат навики за активно користење на јавниот градски превоз.

Во недела, на 22 септември ќе се одбележи Денот без автомобили со организирање на велосипедско дефиле кое ќе стартува од пред Камената бина во 17:30 часот и ќе продолжи по улиците на Прилеп (два круга од предвидената траса од околу 10 км). Булеварот „Гоце Делчев“ ќе биде затворен за сообраќај од крстосницата со улица „Прилепски бранители“ до крстосницата кај маркетот „Тинекс“, во периодот од 17:00 до 20:00 часот за да се овозможи старт на дефилето и потоа останува затворен како пешачка зона, со можност за слободно движење и дружење на граѓаните, како и реализација на разни активности на отворено, како што е Детската зона која ќе го збогати настанот со најразлични содржини за најмладите. Очекуваме дека овие иницијативи ќе бидат интересни за граѓаните од најмладите до највозрасните, за јавниот и приватниот сектор и воедно ги повикуваме што помасовно да се приклучат.

Во одбележувањето на Европската недела на мобилност се вклучија и членовите на „Биди зелен“ клубовите од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ и СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, во соработка со НВО Go Green, кои меѓу младите на возраст од 14 до 18 години спроведоа анкета за велосипедската култура и инфраструктура.

Активностите за одбележувањето на Европската недела на мобилност се поддржани од Министерството за животна средина и просторно планирање.

http://www.mobilityweek.eu/

#mobilityweek

https://www.facebook.com/evropska.nedela.na.mobilnost.MK/