Османи: Спорно е отворањето на клубот во Благоевград

Османи: Спорно е отворањето на клубот во Благоевград

„Да не дозволиме провокатори да ни ја киднапираат агендата“, порача шефот на македонската дипломатија во врска со најавата за отворање на македонски клуб во Благоевград, кој не е во духот на пријателство и добрососедство.

Отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград е спорно за шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи. Според него, тој не е во духот на развивање на пријателство и добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, имајќи предвид дека зад него стојат финансиери чии ставови не се на иста линија со стратешките позиции на државата. 

„Да не дозволиме провокатори да ни ја киднапираат агендата“, порача Османи на денешниот брифинг со новинарите.

Клубот треба да се отвори в недела, а македонскиот премиер Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи веќе најавија дека нема да присуствуваат на настанот. На поканата се одзва само лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најави дека ќе присуствува на свеченоста.

Османи вели дека нема да оди во Благоевград од истата причина поради некоја не присуствуваше ниту на отворањето на бугарските клубови во Битола и во Охрид, коишто предизвикаа бројни реакции и незадоволство во јавноста. „Сметам дека клубот во Охрид и клубот во Благоевград не им даваат услуга на двете заедници која што е во духот на добрососедство“, вели Османи.

Протест Цар Борис Охрид
Бујар османи вели дека и клубот во Охрид, но и оној којшто е во план да се отвори во Бугарија, се спротивни на интересите на македонската и на бугарската заедница во двете земји

И клубот во Охрид, но и оној којшто е во план да се отвори во Бугарија, според него, се спротивни на интересите на македонската и на бугарската заедница во двете земји. „Фондацијата која што стои зад клубот во Бугарија не мислам дека може да биде во функција на промовирање на интересите на Македонците таму, поради нивниот историјат. Целиот процес треба да се врати во нормален тек во духот на пријателството“, дециден е шефот на македонската дипломатија.

Железница наместо клубови  

Тој смета дека железницата меѓу двете земји ќе придонесе повеќе за соработка и развој на односите меѓу двете земји, отколку „натпреварот на клубови“.

Како што објави „360 степени“, клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград го финансира антиамериканска и анти-ЕУ организација на Македонци од дијаспората. Отворањето на клубот кое е закажано за 30 октомври е финансирано од Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).

Македонското меѓународно движење за човекови права (Macedonian Human Rights Movement International) има многу повеќе информации, а здружението има и своја интернет-страница, на која се објавуваат ставови кои наведуваат на тоа дека станува збор за организација со антиамериканска, анти-ЕУ и анти-НАТО ориентација. Организацијата со седиште во Торонто, Канада, чиј претседател е Бил Николов, актуелната власт во С Македонија ја именува како „режим“ и ја обвинува дека не си го одржала зборот дека ќе го „финансира македонскиот културен центар во Пиринска Македонија“ и продолжила да им помага на Бугарија и Грција во потиснувањето на идентитетот и човековите права на Македонците низ Балканот.

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …