По пет часа распит, Стефанова не откри детали за исказот во Обвинителството

По пет часа распит, Стефанова не откри детали за исказот во Обвинителството

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Лиле Стефанова, денеска, излегувајќи од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) по пет часа распит, не соопшти детали за нејзиниот исказ пред колегите за случајот „Рекет“.

Поради „Рекет“ во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец, а италијанскиот весник „Ла Верита“ објавува снимки од примопредавање пари и телефонски разговори меѓу Орце Камчев и Боки 13, но и првиот човек на СЈО, Катица Јанева. Во еден разговор Јанева кажува дека „Лиле без мене не може ништо“.

Стефанова не откри детали за тоа што зборувала денеска и рече дека се што можела да каже за јавноста го изнела во изјавата која ја дала минатата недела преку соопштението објавено на интернет страницата на СЈО.

Таа во него објасни дека без нејзино знаење се однесувале одлуки за „Империја“, случај која таа го води, а каде осомничен е Орце Камчев.

– Сосема сум свесна за огромниот интерес кој го има јавноста за „Рекет“ и сите допирни точки со случајот „Империја“, каде првоосомничениот е сведок во „Рекет“. Сѐ што можев да споделам го споделив во петок во изјавата. Денес од 9 часот до сега во својство на сведок давав исказ и сѐ што ми е познато го изнесов пред обвинител. Имајќи го предвид мојот статус на сведок и тајноста на истрагата не можам да да дадам ниту една друга изјава во однос на она што веќе го имам споделено – рече Стефанова.

Стефанова е втора обвинителка од СЈО која дава исказ за „Рекет“. Вчера на распит беше обвинителката Елизабета Јосифовска.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

уставен суд

Балансерот укинат, доаѓа нов Закон за правична застапеност

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски кажа дека балансерот како алатка е исцрпена и оти ги …