онлајн купување картичка

Расте бројот на плаќања со картички на каса и за дигитални плаќања, како и преку електронско банкарство

Во вториот квартал на годинава значителен пораст имало на бројот на плаќања од граѓаните со платежни картички и на физичките продажни места и на интернет, а во голем број обем пораснал и бројот на плаќања преку електронското банкарство, соопшти Народна банка на Република Северна Македонија (НБРСМ)

Плаќањата од страна на граѓаните во трговијата во земјата со платежни картички издадени од издавачи во земјата, во вториот квартал од 2021 година, забележале значителен годишен раст и на вредноста и на бројот на остварените трансакции од 35,2 отсто и 43,7 отсто соодветно, што во значителен дел се должи на условите наметнати од пандемијата, велат од централната банка.

На годишно ниво, бројот на плаќања со картички на физички места во вториот квартал имал раст од 44,5 отсто, што е за девет пати повеќе отколку во вториот квартал на 2020 година. Кај плаќањето со картички на интернет, во вториот квартал од 2021 година е остварен висок годишен раст од 36,3 отсто.

Во поглед на плаќањата со кредитни трансфери во вториот квартал на годинава е регистриран значителен раст кај плаќањата на граѓаните, со годишен раст од 47 отсто кај вредноста на трансакциите, односно 41 отсто кај бројот на извршените трансакции.

Електронските кредитни трансфери, односно плаќање преку електронско банкарство во вториот квартал од 2021 година се зголемил за 30 отсто на годишна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на навиките при извршување на плаќањата во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање, појаснуваат од НБРСМ.

Во вториот квартал од 2021 година, бројот на плаќањата извршени со мобилен телефон пораснал со 55 отсто на годишна основа, иако истиот е понизок од годишниот раст остварен во истиот период од 2020 година (75 отсто).
Покрај тоа, во вториот квартал од 2021 година, иако помалку во однос на употребата на мобилните апликации, и натаму расте употребата на компјутерите за извршување плаќања. Поконкретно, кај овие плаќања, во вториот квартал од 2021 година се забележува годишен раст од 18 отсто, којшто е повисок од годишниот раст во истиот период од 2020 година, којшто изнесуваше 13 отсто, стои во соопштението од НБРСМ.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Народна банка

Народна банка обезбеди стабилност на денарот, инфлациските движења и банкарскиот сектор

Народната банка води соодветни политики, кои придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и …