Сали: Се проверува дали се вршеле клинички испитувања врз пациенти во „Жан Митрев“

Сали: Се проверува дали се вршеле клинички испитувања врз пациенти во „Жан Митрев“

Во моментов има работен состанок во „МАЛМЕД“ со претставници на клиничката болница „Жан Митрев“, по однос на наодите дека се вршеле клинички испитувања врз пациенти и дали тие се вршени законски, рече пред малку на прес-конференција министерот за здравство Беким Сали. Тој на конференцијата кажа дека чувствува длабока одговорност и е решен овој случај да се истера до крај и да добие разрешница. Барањето одговорност и инспекциските надзори следуваа по објавата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) насловена како „Нечиста крв“, која се однесува на злоупотреба на методот на хемофилтрација од страна на клиниката „Жан Митрев“ за време на ковид-19 пандемијата.

„Хемофилтрацијата е метода која се користи при третман на пациенти кои се сместени на интензивна нега по проценка на лекарот кој лекува, во зависност од состојбата на пациентот. Дали методата е применувана, е проценка која ја прави стручниот надзор од експерти од соодветните области. Во приодот од последните три години, Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) направил 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во 12 здравствени установи во државата. Во „Жан Митрев“, направени се 9 вонредни и 3 редовни инспекциски надзори“, рече Сали.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) Ирина Сотировска Бухова, кажа дека вонредните инспекциски надзори може да ги иницира семејство, министер, може да се случат на барање на Хелсиншки комитет, на иницијатива на Правобранител или на било која организација.

„Овие 9 надзори кои се реализирани во „Жан Митрев“, пет се за сомнеж за лекување вон протокол. Тоа се за пациенти кои се починати таму. Еден надзор е од октомври 2020, пациентка која е оперирана таму, испишана на домашно лекување и после неколку дена примена на Клиниката за кардиологија. Изолирана била бактерија и Клиниката го пријави случајот кај нас. Другиот надзор беше заради недостаток на кадар кој е опишан во дозволата на „Жан Митрев“. За тоа дадовме забрана за функционирање на педијатриската организација, невролошката и ОРЛ во секундарна здравствена, сѐ додека не се обезбеди кадар“, рече Бухова.

Министерот Сали кажа дека стручно тело треба да каже дали и кога се користела методата на хемофилтрација, како и дали таа во рана фаза е ризична за животот на пациентите.

„Тоа ќе го докаже стручното тело. Инаку, кога се работи за ковид, останува на медицината да докаже во иднина која метода била најуспешна, а која била промашена метода во лекувањето на ковид-19“, додаде министерот.

Директорот на „МАЛМЕД“ Лирим Шабани кажа дека е логично да се даде време за да се утврди сè според протоколите, прописите и законите.

„Сакаме да сме сигурни дека тоа било така како што е објавено. Никој не вели дека имало или немало клиничко испитување. Велиме како што кажува законот – ако некој развива некакво клиничко испитување, тоа се санкционира, а за да се санкционира треба да се потврди. Од голема помош е емисијата на ИРЛ, ги охрабрувам сите други да им помогнат на институциите. Во меѓувреме тече состанокот меѓу претставниците на „МАЛМЕД“ и тимот од „Жан Митрев“, се соочуваат аргументите“, рече тој.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Одговор на новинарско прашање на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Наместо реформи гледаме бртална партизација …