Средба Заев-Бајден: Република Северна Македонија има целосна поддршка за успешните евро-атлантски политики и во иднина

Средба Заев-Бајден: Република Северна Македонија има целосна поддршка за успешните евро-атлантски политики и во иднина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во делот на својата агенда од учеството на Минхенската конференција за безбедност, денеска се сретна со поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави Џо Бајден.

Премиерот Заев и членовите на владината делегација на средбата, заменичката на претседателот на Владата на РСМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров, ја изразија својата и благодарноста на граѓаните на нашата земја за поддршката што низ целиот процес на успешното разрешување на спорот со Република Грција доаѓаше од страна на САД и нивните највисоки претставници.

Поранешниот потпретседател на САД Бајден упати силни честитки за статусот поканета земја во НАТО, и  изрази цврста подготвеност да ја поддржи ратификацијата на Протоколот во американскиот конгрес, како и да ги охрабри парламентарните претставници на другите земји членки на НАТО, истото да го направат колку што е можно побргу.

Поранешниот потпретседател на САД Бајден нагласи дека успехот на Република Северна Македонија е успех и на политиките на САД и на Европската Унија, и дека се радува на денот кога ќе биде заокружена ратификацијата на Протоколот и кога Северна Македонија ќе стане еднаков по важност партнер со другите сојузници во НАТО.

Премиерот Заев на средбата му се заблагодари на  поранешниот потпретседател на САД Бајден за неговите заложби за успешно разрешување на спорот со Грција и за поддршката на Договорот од Преспа кој го откочи процесот за нашето членство во НАТО, и им даде сигурност на политиките на земјата за аспирациите за поскорешно членство во ЕУ.

Двајцата соговорници на средбата ги потврдија и афирмираа и идните перспективи за соработка меѓу САД и Република Северна Македонија во повеќе области со посебен нагласок на прашањата од заедничките безбедносни политики.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија денеска оствари средба и со адмиралот Џејмс Ставридис и амбасадорот Ричард Бурт од консултантската организација Мек Ларти Асошиејт, кои со честитките за успешните евро-атлантски политики на нашата земја, ја понудија и својата поддршка и искуство во идните меѓународни активности на Владата на Република Северна Македонија.

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …