Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска соопшти дека Уставниот суд минатиот месец ги укинал членовите од законот во делот за нормираниот учинок. Со ова, според ССМ, ќе се овозможи исплатата на минималната плата за сите работници во државата, без условување со остварување на нормата наметната од работодавачот.

ССМ поведе постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот за минимална плата во кој е наведено дека работодавачот е должен да му исплати на работникот најнизок месечен износ на основна плата која според законските одредби не зависи само од извршената работа во полно работно време, туку и од исполнетиот нормиран учинок, кој го утврдува работодавачот.

Најголемиот синдикат во земјава потсетува дека несогласување со одредбата што конечно е укината од Уставниот суд изразувал во текот на постапката за донесување на измените на Законот за минимална плата, а испратил и пишан допис до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за финансии.

Извор: МЕТА