Целата светска економија, освен кинеската, поради пандемијата на корона вирусот ќе потоне во рецесија, а европскиот бруто домашен производ, БДП, ќе падне меѓу 2 и 10 отсто, зависно од тоа колку ќе трае кризата, предвидува „Стандард и Пурс“, американската компанија за финансиски услуги. Иако до неодамна аналитичарите предвидуваа стабилен раст на економијата, состојбата се промени на полошо за кратко време.

За само неколку месеци, откако кинеските медиуми почнаа да ги полнат страниците за ширењето на корона вирусот и воведување на карантинот, вирусот се прошири во над 200 земји, при што бројот на заразени надмина 640 илјади, а на починати 30.000.
Пандемијата предизвика големи пореметувања во синџирите на побарувачката, а многу земји наведе на самоизолација. Тоа доведе до блокада на секојдневното работење и ги турна најголемите светски економии во првата рецесија после финансиската криза од 2008 година.

Аналитичарите на „Стандард и Пурс“ проценуваат дека економијата на Европа годинава ќе падне за најмалку 2 отсто, а доколку блокадата во работањето на компаниите се задржи до 4 месеци, можно е падот да изнесува и 10 отсто.

„Проценуваме дека блокадата во работењето во период од 4 месеци може да го намали БДП за 10 отсто“, порача „Стандард и Пурс“, а најпогодени ќе бидат земјите каде има и најголем бројот на заразени и починати од корона вирус.

Така, се проценува дека италијанската економија годинава ќе падне за 2,6 отсто, шпанската за 2,1 отсто, германската за 1,9 отсто, а француската за 1,7 отсто.

На остриот пад укажуваат макроекономските показатели, така што француската стопанска активност и потрошувачката на домаќинствата, поради пандемијата, се движат на околу 35 отсто под вообичаеното ниво, според бирото за статистика ИНСЕЕ.

Германската централна банка порача дека рецесијата е неизбежна.

„Падот во изразената рецесија, не може да се спречи, а заздравувањето ќе почне дури кога пандемските ризици ќе бидат ефикасно намалени“, порача Бундес банката.

Германскиот економски институт ИВ, проценува дека економијата годинава, според  најцрното сценарио, ако продолжи блокадата во работењето до крајот на јуни, нагло ќе потоне за 10 отсто. Германската економија е најголемата во светот, па јасно е дека рецесијата во оваа земја ќе има влијание врз целата европска економија.

На Холандија ѝ се заканува пад меѓу еден и 7 отсто. И оваа земја ќе падне во рецесија, што ќе биде првата после 2013 година, затоа што корона вирусот ги загрози производството и побарувачката, ја зголеми невработеноста и ги влоши јавните финансии, порачаа деновиве од Бирото за економски анализи, ЦПБ, кое е главен советник на владата. БДП на Холандија, која е петта економија по големина во Европа, ќе падне меѓу 1,2 отсто, засега сигурни проценти, на 7,7 отсто, зависно од траењето на мерките против пандемијата.

Ирската економија би паднала годинава за повеќе од 7 отсто, проценува тамошниот Институт за економско општествени истражувања ЕСРИ, кој порачува дека рестрикциите во економијата ќе доведат до значителен пресврт во економските трендови во земјата. Инаку, ирскиот БДП растеше побрзо од просекот на ЕУ од 2014 година наваму, а ЕСРИ пред појавата на пандемијата проценуваше дека годинава ќе се зголеми за 4 отсто. Но, сега се прогнозира пад од 7,1 отсто. При тоа стапката на невработеност би можела да се зголеми од сегашните 4,8 на 18 отсто до почетокот на летото. До крајот на годината би можела да падне на 11 отсто. Проценките се темелат на претпоставката дека парализата на економските активности ќе трае 12 недели, а дека заздравувањето на светската екомија ќе почне во втората половина од годината.

Грчката економија би можела да падне меѓу 1 и 3 отсто, зависно од траењето на пандемијата. Како што посочи министерот за финансии Христос Стакурас, пред корона кризата се очекуваше раст од 2,8 отсто, но поради рестрикциите за патувања, силно ќе биде погоден туризмот кој е главниот двигател на грчката економија. Тој сектор ќе изгуби ститици милиони евра приход.

Аналитичарите на австриската Рајфајзен банка, меѓу првите неодамна го објавија конкретните проценки дека очекуваат БДП на Хрватска годинава да падне за околу 5 отсто, поради намалената туристичка активност и слабата индустрија, а се проценува дека заздравувањето ќе оди побавно од другите земји на ЕУ.

„Уште сега е сосема извесно дека претсезоната е изгубена, а се очекува се поголемо влијание на епидемијата на главната туристичка сезона, што ќе донесе до загуби во приходите од туризмот, велат аналитичарите на РБА.

Извор: МЕТА