Визуелизација: Што ако за приход над 1.000 евра се плаќа поголем персоналец

Визуелизација: Што ако за приход над 1.000 евра се плаќа поголем персоналец

Дали оние кои земаат поголема плата од 1.000 евра ќе треба да платат поголем персонален данок или не, е една од главните теми на дискусија во јавноста деновиве откако министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека за него е прифатливо лицата кои заработуваат над 1.000 евра месечно да плаќаат повисок данок за секој денар што ќе го заработат над оваа сума. Според податоците на Министерството, само 2 отсто од населението заработува месечно над 1.000 евра.

Премиерот Зоран Заев рече дека оваа мерка ќе се спроведе затоа што прогресивното оданочување (богатите плаќаат повеќе) е дел од владината програма. Тој информираше дека персоналниот данок на доход на граѓаните со високи примања ќе се зголеми од 10 на 18 отсто за сумата што ќе ја земаат над 1.000 евра.

Според него, ако прагот се стави над 1.000 евра, повисок данок ќе плаќаат 74.000 граѓани, а со тоа годишно буџетот би се дополнил за 30 милиони евра.

personalen-danok-MKD-1

Персоналниот данок кој што го плаќале македонските граѓани пораснал за нешто помалку од 100 милиони евра во последните 6 години, според податоците на Министерството за финансии. Во 2012 година, државата собрала персонален данок во износ од 155 милиони евра, а во 2017 година овој износ е 248 милиони евра. Најголем скок имало на преминот од 2013 во 2014 година кога државата собрала 33 милиони евра повеќе за една година. Така, од 167 милиони во 2013, износот се зголемил на 200 милиони евра персонален данок во 2014 година.

Бидејќи бројот на вработени не е енормно зголемен во  текот на овие години, причината за ваквата разлика ја баравме во зголемувањето на даночната дисциплина и во растот на платите, односно примањата.

personalen-danok-MKD-2

Според првичните анализи најмногу погодена од 18% персоналец на износите над 1.000 евра ќе биде ИТ индустријата, поради што веќе има најави од страна на Владата за намалување на Данокот на добивка за ИТ компаниите од 10 на 3%.

Меѓутоа, ако се споредат просечните плати во Македонија општо и просечната плата во дејноста компјутерско програмирање, ќе се забележи дека разликата е двојна и се зголемува со текот на годините.

Според податоците од Државниот завод за статистика, просечната нето плата во Македонија во последните 5 години пораснала за 50 евра. Во јануари 2012 година просечната плата во месец јануари била 21 илјада денари, а во јануари 2018 година таа изнесуваше 24 илјади денари.

Во секторот компјутерско програмирање, пак, од 2012 до 2018 година просечната плата се зголемила за 20,5 илјади денари односно за 334 евра. Во 2012 година таа изнесувала 32 илјади денари, а во 2018 пораснала на 53 илјади денари.

Повисоки плати од вработените во секторот компјутерско програмирање земаат само вработените во секторот воздухопловен транспорт каде во јануари 2018 година земале просечна плата од 84 илјади денари и во секторот спортски, забавни и рекреативни дејности чии што вработени земале 113 илјади денари.

personalen-danok-MKD-3

За да ја појаниме предлог мерката за повисок персоналец на разликите во примањата над 1.000 евра, ќе земеме пример: За примања од 2.000 евра, во 2019 година ќе треба да се плати вкупно персонален данок од 280 евра. Односно, за сумата до 1.000 евра 10% персоналец и за сумата над 1.000 евра уште 18% персоналец.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Велибор Џаровски – Џаро

Почина Велибор Џаровски – Џаро

Еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија почина на 75 години, по кусо …