ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во Собранието предлог законот за амнестија на учесниците и организаторите на нападот во Собранието на 27 април лани.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на прес-конференција рече дека предложено е Собранието да го донесе законот по скратена постапка.
– Со овој закон се предвидува и се уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените постапки и целосно ослободување од издржување на казната затвор, а за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела: учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, насилство, учество во толпа што ќе изврши кривично дело и дело за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност. Со овој предлог закон се предвидува и бришење на осудата на лицата осудени заклучно со денот на влегување на сила на овој закон – рече Данев.
Според него, со законот ќе се обезбеди правда за сите, вистинско национално помирување наместо селективност и поделби кои, кои како што рече, ги нуди СДСМ.
Во судскиот случај за упадот во Собранието на 27 април минатата година, обвинети се 33 лица од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а двајца за помагање.
Извор: МЕТА