Возачот не бил под дејство на алкохол или лекови, ќе се испита дали зборувал на мобилен

Возачот не бил под дејство на алкохол или лекови, ќе се испита дали зборувал на мобилен

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје) соопшти дека денеска во 13.15 часот завршил увидот на местото каде вчера попладне излета автобусот на „Дурмо Турс“, при што животите ги загубија 14 лица, главно млади луѓе.

Известувајќи за сите постапки што се преземени при увидот, од Обвининителството велат дека возачот на автобусот при разговорот со двајцата обвинители не дал релевантни информации за миговите на несреќата, а лабораториските анализи покажале дека не бил под дејство на алкохол, наркотици или лекови. Исто така, од ОЈО Скопје велат и дека ќе се бараат листинзи од мобилниот оператор за да се утврди дали возачот разговарал додека возел.

Автобусот е однесен на вештачење од Машинскиот факултет во Скопје, а и денеска на местото на несреќата дошле експерти од факултетот за да направат први проверки за исправноста на автобусот.

„Од досегашните сознанија утврдено е дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. По наредба на јавниот обвинител, Машинскиот факултет ќе изготви писмен вешт наод и мислење“, се вели во соопштението од ОЈО Скопје.

Заедно со двајцата обвинители, на местото на несреќата била и екипа на Бирото за судски вештачења, од каде треба да биде изготвен писмен вешт наод и мислење за причините на сообраќајната незгода.

Надлежниот јавен обвинител ќе ја побара целокупната документација од компанијата „Дурмо турс“ во врска со дозволите за јавен превоз кои ги поседува, одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот кој сообраќал на релацијата Скопје-Тетово, како и податоци во врска со работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден.

На Институтот за судска медицина, по наредба на јавниот обвинител извршена е обдукцијата на 13 од починатите лица, додека за едно лице обдукцијата е во тек, соопшти обвинителството.

Ќе следува и испитување на возачот и на преживеаните патници.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …