Заев: Бев измамен од организирана структура која е против нашето членство во НАТО

Заев: Бев измамен од организирана структура која е против нашето членство во НАТО

За жал станав еден од измамените од страна на добро организирана и инвентивна структура, која е насочена против личности и земји насочени кон евроатлантски аспирации за да им се наштети, рече денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција која ја одржа по повод објавеното видео на „Јутјуб’“ од руските „пранкери“ Владимир Кузенцов (Вован) и Алексеј Столаров (Лексус), кои лажно се преставуваат како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Во тие разговори Заев, отворено зборува за актуелни политички прашања, како што се прашањата за границата помеѓу Косово и Србија, автокефалноста на МПЦ, евроинтеграциите, а го дава и бројот и на поранешниот американски помошен државен секретар.

„Тоа е добро организирана структура на ширење на влијание на трети страни, манипулациите по правило извираат од анти-НАТО пропаганди и дезинформации. Овие напади се насочени кон земји-членки на ЕУ или земји-аспиранти. Во разговорите повторувам наши официјални ставови, верував дека постои тој состанок и зборував како премиер“, вели Заев.

Тој додаде дека во оваа политичка дискредатиција не е единствен, измамени биле и францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, музичарот Елтон Џон.

„Ова покажува дека сум во добро друштво. Јас сум жртва на мојата отвореност. Постојано сум достапен на граѓаните, лидерите на европските држави. Неопходно е да се преиспита протоколот за безбедност на комуникацијата, која постојано е на удар на инвентивните групи. Паралелно со реформските процеси неопходен е итен план против ширење на дезинформации“, рече Заев.

Тој додаде дека не чувствува одговорност за да понесе оставка бидејќи не издава тајни, туку повторува ставови. Според него, ова се случувало и во други земји каде што нивниот безбедносен систем е многу поголем.

„Во тој момент лично верував дека разговарам со Столтенберг и Порошенко и зборував како премиер. Ги повторив ставовите кои секогаш јасно сум ги кажувал. Секој ден сте во машина, установи, разговори и затоа се случуваат пропусти, за што искрено се извинувам“, додаде Заев.

Прочитајте повеќе

Есенската кошница заврши - се чекаат новогодишните мерки

Есенската кошница заврши – се чекаат новогодишните мерки

Повеќе од 70 основни прехранбени производи од денеска, први ноември, ќе добијат нови цени откако …