Денеска во Владата се одржа состанок помеѓу Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев и економскиот тим на министри со делегација на Коморскиот инвестициски форум предводена од претседателот Марко Чадеж и заменик претседателот, Бранко Азески.
Пред почетокот на средбата Премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев заедно со претседателот на Коморскиот инвестициски форум, Чадеж и заменик претседателот, Бранко Азески дадоа кратки изјави за медиумите.
„Денеска ја имаме честа да ги удостоиме со наше гостопримство претседателот на Коморскиот инвестициски форум Марко Чадеж и претставниците на стопанските комори од регионот, на чело со нашиот претседател кој воедно е и заменик претседател на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески. Ќе одржиме заедничка средба на којашто ќе ги размениме искуствата, размислувањата и идеите за тоа како да ја интензивираме економската соработка помеѓу нашата земја, Република Северна Македонија и земјите од регионот. Ќе разговараме и за тоа како да ја подобриме конкурентноста на нашите економии преку поврзување на бизнис заедниците од 6-те земји во Западен Балкан, како да ја зголемиме трговската размена помеѓу нашите земји и да работиме на поголема регионална економска соработка и трговска интеграција“ нагласи премиерот Заев.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, пред состанокот со регионалниот инвестициски форум на Западен Балкан, го честиташе јубилејот на Стопанска комора на Македонија, која одбележува 97 години од постоњето, пришто истакна дека ретки се институциите, како кои може да се пофалат со долговечност и траење од речиси еден век. Тој дополни дека денеска доделените признанија на одредени стопанственици по повод јубилејот ќе бидат поттик на компаниите за понатамошен раст и развој.
„Индустријализацијата на Република Северна Македонија се одвива во одлична насока, а тоа се покажува преку сите статистички параметри. Би сакал да ја истакнам значајноста на тоа што сите стопански комори од Западен Балкан се здружени, важно е коморите и компаниите од сите земји да соработуваат регионално. Суштински важно е да ние како регионо соработуваме помеѓу себе, а потоа да ја зголемуваме меѓусебната соработка со ЕУ и развиените земји, на тој начин помалку ќе тежиме на Унијата. Императив е да се забрза и подобри соработката помеѓу државите, но и помеѓу компаниите од земјите од Западен Балкан“, подвлече вицепремиерот Кочо Анѓушев.