Доколку експремиерот, Никола Груевски, биде осуден за останатите 4 обвиненија кои му ги поднесе СЈО, може да добие максимална казна затвор од приближно 20 години, без првата пресуда од 2 години затвор. Според Кривичниот законик, единствената казна мора да биде поголема од секоја одделна утврдена казна, но не смее да го достигне збирот на утврдените казни ниту да премине 20 години затвор.

На Груевски највисоката казна му е предвидена во случајот „Титаник“ каде е обвинет за три кривични дела. За злосторничко здружување на Груевски како првообвинет му се заканува затворска казна до 5 години; за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања е пропишана затворска казна од најмалку 5 години, а за повреда на избирачкото право, затворска казна од најмалку три години. Судот може да го осуди со единствена казна затвор за ова обвинение.

Во случајот „ТНТ“, Груевски е обвинет за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување за што е предвидена затворска казна од најмалку 3 години. За провизиите за автопатиштата во предметот „Траекторија“, Груевски е обвинет за исто кривично дело и тоа примање награда за противзаконито влијание, за што е предвидена затворска казна до 3 години. Во „Насилство“ за насилството пред општина Центар, максималната казна затвор за Груевски како организатор на протестите е 3 години.

Еден од неколкутемина адвокати кои го бранат поранешниот премиер, Димитар Дангов, вчера најави жалба до скопска Апелација на пресудата за случајот „Тенк“. Против Груевски СЈО води ја отвори истрагата за „Талир“, за перење пари преку незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и за пропаднатиот попис. Отворена е предистражна постапка за криминал со електрична енергија. (Макфакс)

Објавено во „Слободен печат“