Претседателот Пендаровски: Да ги почитуваме препораките, да бидеме солидарни, смирени, рационални и одговорни

Претседателот Пендаровски: Да ги почитуваме препораките, да бидеме солидарни, смирени, рационални и одговорни

Почитувани сограѓани,

Денеска ja одржавме 4-та седница на Советот за безбедност посветена на вонредната состојба воведена заради заштита и справување со епидемијата од вирусот Ковид-19.

Одлуката за прогласување на вонредна состојба ја донесов на 18-ти март оваа година, и како што најавив во таа прилика, Владата која сега ја има, практично, целата власт, и законодавна и извршна, има и обврска детално да известува за ефектите од преземените мерки.

На денешната седница на Советот, надвор од редовниот состав беа поканети и присуствуваа: гувернерката на Народната банка, вицепремиерката за економски прашања, вицепремиерот задолжен за евроинтеграции и Национален координатор за странска помош, министерот за здравство, министерката за финансии, министерот за економија, директорите на Агенциите за национална безбедност и за разузнавање и началникот на Генералштабот на Армијата. Поради здравствени проблеми, не присуствуваше министерот за внатрешни работи, господинот Чулев. На негово место беше дополнителниот заменик министер за внатрешни работи.

Консензуален заклучок на присутните беше дека треба да им се оддаде признание на сите служби кои деноноќно работат на спречување на ширењето и справувањето со епидемијата. Потребниот здравствен кадар, силите на полицијата и на армијата се мобилизирани, постои дневна координација и на централно и на локално ниво и сите расположиви ресурси и напори, во овој момент, се насочени кон справување со кризата.

На седницата на Советот беа разгледувани различни аспекти и консеквенци од епидемијата. За здравствените аспекти информираше министерот за здравство, за безбедносните, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи и директорите на соодветните служби. За ангажманот на армијата во поддршка на полицијата реферираа министерката за одбрана и началникот на генералштабот. Министерот за надворешни информираше за враќањето на нашите државјани кои беа затекнати во други земји по затворањето на границите, а гувернерката на Народна банка, за примената на Уредбата за олеснување на финансискиот товар на граѓаните и фирмите при плаќањето на кредитите, понатаму за финансиската стабилност на банките, за девизниот курс и за состојбата со девизните резерви.

Претставниците на економско-финансискиот тим на Владата и премиерот информираа за актуелната состојба со буџетот, сценаријата со различни проекции за следните квартали, како и за последниот економски сет на мерки со кои се поддржува македонската економија.

Советот заклучи дека ситуацијата останува сложена, а сите сценарија за идниот развој на настаните се оптоварени од главната непозната, а, таа е: колку долго ќе трае пандемијата.

При тоа, едногласно беше заклучено дека, до сега, имаме адекватна поставеност на државата и ефективна соработка меѓу надлежните служби, потоа стриктно спроведување на препораките на Светската здравствена организација и со мали исклучоци, имаме навистина одговорно однесување на нашите граѓани.

Почитувани,

Со спроведување на мерките за ограничено движење и затворање на границите директно страда економијата. Сведоци сме дека и најразвиените земји се соочуваат со крупен предизвик во овој сегмент. Во оваа смисла ни претстои тежок период во кој ќе бидат потребни серија на мерки и одговорни одлуки со цел да се намалат, колку што може, штетите по националната економија. За таа цел, потребна е мобилизација на сите економски капацитети во државата и прибегнување кон најрадикалните мерки само во крајна нужда и со определен временски рок.

Советот за безбедност ќе продолжи да ја следи состојбата и работата на сите институции ангажирани во овој период. До истекот на вонредната состојба ќе свикам најмалку уште една седница на Советот за безбедност за пред нејзиното евентуално продолжување да биде презентирана целокупната ситуација со сите витални параметри неопходни за носење на одлука.

Почитувани сограѓани,

Тешките денови сеуште не се зад нас, но, апелирам до сите, да бидеме смирени, да бидеме рационални, да бидеме одговорни кон нашето здравје и нашите животи и солидарни еден кон друг.

Почитувајте ги препораките, останете дома, излегувајте само кога е неопходно. Немам никакви дилеми дека со заеднички напори сигурно ќе ја победиме епидемијата.

Прочитајте повеќе

Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?

Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?

Новата власт, која најавува видливи резултати, економијата и животниот стандард на граѓаните ги стави меѓу …