5Г мрежата не го активира Марбург вирусот, ниту пак, луѓето се чипирани и имаат графен оксид

5Г мрежата не го активира Марбург вирусот, ниту пак, луѓето се чипирани и имаат графен оксид

Невистинито е тврдењето дека преку вакцините им се вбризгуваа наночипови на луѓето. Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип

Видеото е од 2021 година, но тоа на ниедно место во објавата не се кажува, па кога ќе се погледне се добива впечаток дека станува збор за сегашен настан и непотребно се крева паника и страв во јавноста за смртоносен вирус. Во објавата се споделуваат и неточни информации дека овој вирус значи активирање на 5Г мрежата, како и „многу жртви од оние што имаат во телото наночипови и графен оксид“. Овој наратив е поврзан со разните дезинформации кои се споделуваа за вакцините и вакцинираните лица против коронавирусот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Објава на социјалната мрежа Фејсбук споделува видео старо две години и манипулира дека смртоносниот вирус Марбург е всушност поврзан со 5Г мрежата, со чипирање на луѓето, како и со графен оксидот.

ŽALNO… UŽAS… “MARBURG VIRUS” = AKTIVIRANJE NA 5G MREŽATA NA SOODVETNI SMRTONOSNI FREKVENCII, PO ŠTO ĆE IMA MASOVEN BROJ NA ŽRTVI, OSOBENO OD LICATA KOI ŠTO VO TELOTO IMAAT, OSOBENO NANO ČIPOVI I GRAFEN OKSID… !!!, пишува во описот на самата објава.

Објавата манипулира со јавноста преку изнесување на невистини и споделување на старо видео на кое се соопштуваат информации коишто во моментот не се релевантни.

На објавата е споделен видеоисечок од пред две години, на којшто генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на брифинг за новинарите зборува дека вирусот Марбург, е многу различен вирус од Сарс-КоВ-2, многу од елементите на одговорот (справувањето со болеста) се исти, вклучително и изолација, следење, и ставање во карантин на нивните контакти.

Оваа изјава е дадена неколку дена откако Гвинеја ја потврди смртта на лице заразено со вирусот Марбург. Тој во видеото соопштува дека се идентификувани околу 150 контакти, меѓу кои тројца членови на семејството и еден здравствен работник.

Но, сето ова се случува пред две години, односно во август 2021 година, а не сега.

Вирусот Марбург е високо вирулентна болест која предизвикува хеморагична треска, со сооднос на смртност до 88 отсто. Тој е во исто семејство со вирусот ебола. Двете големи епидемии кои се случиле истовремено во Марбург и Франкфурт во Германија и во Белград, Србија, во 1967 година, доведоа до првичното препознавање на болеста. Избувнувањето беше поврзано со лабораториска работа со африкански мајмуни (Cercopithecus aethiops) увезени од Уганда. Последователно, забележани се епидемии и спорадични случаи во Ангола, Демократска Република Конго, Кенија, Јужна Африка (кај лице со неодамнешна историја на патување во Зимбабве) и Уганда. Во 2008 година, два независни случаја беа пријавени кај патници кои посетиле пештера населена со колонии на лилјаци Рузетус во Уганда.

Инфекцијата на луѓето со Марбург вирусна болест првично е резултат на продолжената изложеност на рудници или пештери населени со колонии на лилјаци Рузетус. Откако поединецот е заразен, вирусот Марбург може да се шири преку пренос од човек на човек преку директен контакт (преку оштетена кожа или мукозни мембрани) со крвта, секретите, органите или другите телесни течности на заразените луѓе, како и со површини и материјали (на пр. постелнина, облека) контаминирани со овие течности.

Во 2021 година, вирусот е откриен во југозападна Гвинеја, помалку од два месеца откако земјата прогласи крај на епидемијата на ебола од која во 2021 година починаа 12 луѓе. Видеото, кое е споделено на објавата, е оттогаш, а не од сега. Тоа на ниедно место во објавата не се кажува, па кога ќе се погледне видеото, се добива впечаток дека станува збор за сегашен настан.

На овој начин непотребно се крева паника и страв во јавноста за смртоносен вирус, а всушност станува збор за заболени во 2021 година.

Нема поврзаност на 5Г мрежата, грфен оксидот и вакцините

Во објавата, исто така, се споделуваат неточни информации дека овој вирус значи активирање на 5Г мрежата и „многу жртви од оние што имаат во телото наночипови и графен оксид“. Овој наратив алудира на разните дезинформации коишто се споделуваа за вакцините и вакцинираните лица против коронавирусот.

Теоријата на заговор дека 5Г мрежата и микрочипови во вакцините се комбиниран напор да се контролира населението – каде се движи, што прави, што купува е невистинита. 5Г технологијата во комуникациите и вакцинацијата не се никако поврзани.

Во февруари 2020 и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје. Мобилната 5Г мрежа никако не влијае ниту на вируси, ниту на бактерии и не може да шири болести.

Невистинито е тврдењето дека преку вакцините им се вбризгуваа наночипови на луѓето. Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип. Вистината е дека состојките на вакцините се позната и јавна информација и ниедна вакцина не содржи микрочип. Дозата на вакцината е помала од еден милилитар, а тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто.

Исто невистинито е тврдењето за графен оксид, кој е материјал кој настанува со оксидација на графит и се опишува како најсилниот, најмалиот и најспроводливиот материјал на земјата, а се тврдеше дека го содржат вакцините против коронавирусот.

Ниту една од вакцините против ковид-19 кои се достапни ширум светот, произведени од „Фајзер“, „Модерна“, „Џенсен“, „АстраЗенека“, не содржи графен оксид во нивните листи на состојки кои се јавно достапни.

Според сите наведени факти заклучуваме дека не е точно тврдењето дека вирусот Марбург го активира 5Г мрежата и дека заболуваат оние кои наводно имаат наночипови и графен оксид во телото.

Прочитајте повеќе

Полициска акција во затворот Идризово

Полициска акција во затворот Идризово

Во најголемиот затвор ,,Идризово” во Скопје, денеска биле извршени претреси. Од обвинителството ја потврдуваат акцијата, …