ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА? Митови за менталното здравје

ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА? Митови за менталното здравје

Темата ментално здравје стана особено актуелна помеѓу младите по Ковид-пандемијата, кога начинот на кој дотогаш се функционираше и учеше се промени, што пак предизвика нарушување на менталната благосостојба речиси кај сите. Онлајн наставата и социјалната изолација влијаеја кај повеќето ученици и студенти, па сега психолозите имаат „полни раце“ работа. Но, посетата на психолог отсекогаш била пропратена со одредени митови и стереотипи.

Отфрлањето на митовите за менталното здравје може да помогне да се скрши стигмата и да се создаде култура која ги охрабрува луѓето од било која возраст да побараат поддршка кога им е потребна. Затоа, во третата епизода на емисијата „ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА?“ претставуваме неколку популарни митови за менталното здравје и посетата на психолог. За митовите зборуваат и коментираат психолозите Ана Попризова, Јасмина Јонуз и Хана Мемеди.

ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА? Митови за менталното здравје

Митови за ментално здравје и посета на психолог:

1. Децата што имаат повеќе другари и добри оценки во училиште не можат да бидат депресивни, немаат причина за тоа

Не е така. За жал, и покрај доброто опкружување и лагодниот живот, некогаш сепак може да патиме од депресија. Депресијата зависи од повеќе фактори и е многу комплексно растројство. Голем број ученици што постигнуваат солиден успех во училиште можат да имаат депресивно расположение и да се чувствуваат апатични и немотивирани, иако првичната слика е дека се тие одлични ученици. Училишниот успех не е секогаш одраз на менталното здравје на учениците.

2. Наместо со психолог, можеш да разговараш со најдобриот другар или другарка. И тие ќе ти дадат исти совети

Не е така. Секако дека поддршката од добар другар или близок пријател е од неодмерно значење и секогаш може да помогне за менталното здравје, но секако не е исто како професионалната помош од психолог. Психологот е личност специјализирана за таа работа, квалификувана да ви даде совет и да ве упати и поради тоа и ситуацијата во која сте вие ја гледа во многу пореална форма отколку некој ваш другар или другарка.

3. Ако отидам на психолог, тој ќе ми даде лекови што ќе треба да ги пијам

Не е така. Фармакотерапија или лекови поврзани со одредена состојба на менталното здравје дава само психијатар кој е специјализиран во таа област. Психологот е тој што може да даде психотерапија, односно тој може да даде совети што ќе им помогнат на лицата кои се соочуваат со потешкотии, може да им помогне да ги надминат истите преку разговор и преку разбирање на нивниот проблем и заедно да ги најдат вистинските решенија за проблемот. Лекови, односно медикаменти за справување со ментални растројства препишува психијатар и само психијатар!

4. Психологот може да им ги открие моите тајни на други луѓе

Не е така, бидејќи психологот во својата едукација ги разработува и изучува етичките принципи на својата работа, а еден од најзначајните е дискрецијата и доверливоста на податоците.

Доколку ги прекрши правилата, психологот може да се соочи со казна или со одземање на лиценцата. Затоа, ова е правило кое не може да се прекрши и треба да знаеме дека психологот никогаш не ги споделува информациите што ги добива од својот клиент со други.

5. Проблеми со менталното здравје имаат само лица со слаб карактер. Да биле посилни воопшто немало да им се појават проблеми

Не е така. Менталното здравје е животен процес и ние секојдневно си го потврдуваме преку нашето однесување. Проблеми со менталното здравје во некоја фаза од животот може да има буквално секој од нас. Поделба меѓу слаб и јак карактер не постои. Сите си имаме свои доблести и маани.

6. Дури и децата и возрасните кои немаат проблеми со менталното здравје можат да посетат психолог

Така е. Психолог може да посети секој, без разлика дали се деца или возрасни. Во моментите кога ќе почувствувате дека имате потреба да посетите психолог, тоа може да биде и за многу едноставна работа. Психологот е тука за секого од нас, воопшто не мора да имаме некоја психопатологија или некоја поголема криза за да посетиме психолог. Тој може да ни помогне со некое базично советување, во кризен период, како и во нашиот личен раст и развој и тоа е нешто што секој млад човек треба да си го дозволи.

Дури и психолозите како дел од едукацијата имаат задолжителен дел каде одат на психолог.

7. Хомосексуалноста е ментална болест

Не е така. Хомосексуалноста дефинитивно не е болест. Иако низ годините низ разни учебници се провлекувале стереотипи дека хомосексуалноста е болест или можеби има некои биолошки корени, тоа е теорија која одамна е отфрлена. Хомосексуалноста е сексуална определба и тоа е избор на секој човек.

8. Психологот може да ми помогне да разберам зошто не ми е добро и како да го надминам проблемот

Така е, бидејќи психологот со својата едукација го води оној што му се обраќа за помош низ процес на себеспознавање за да може личноста да увиди како се однесува, кои се типични обрасци на однесувањето кои предизвикуваат проблем и на тој начин заедно со лицето кое се обраќа за помош, да дојдат до нови стратегии за справување со проблемот.

9. Луѓето со нарушено ментално здравје се насилни, непресметливи и треба да ги избегнуваме

Не е така. Луѓето кои имаат нарушено ментално здравје не треба да се избегнуваат. Напротив, тие се луѓе на кои им е потребна нашата поддршка и треба да останеме блиску до нив. Иако агресивноста како симптом може да биде дел од одредени ментални растројства, сепак најчесто тоа воопшто не е карактеристика на луѓе со ментално растројство.

10. Менталните растројства не можат да се излечат. Ако некој развие ментално растројство, ќе го има цел живот

Делумно е така. Има одредени ментални болести кои кога ќе се дијагностицираат се присутни во текот на целиот живот и единката и нејзината околина работи на тоа да ја прифати состојбата и да даде поддршка, а секако и општеството да ја интегрира личноста.

Но, истовремено, во текот на животот на било која личност можат да се појават краткотрајни или подолготрајни кризи – ментални, емоционални или психолошки, кои можат да претставуваат проблем, но доколку личноста се обрати за помош и работи на нивно надминување, може успешно да ги надмине и да продолжи активно со својот живот.

11. Како да одржувам ментална хигиена и како да знам дали и кога е време за психолог?

Живееме во едно модерно време кога имаме многу достапни ресурси, списанија, социјални медиуми, бесплатни работилници и можеме многу лесно да најдеме соодветен начин како да си помогнеме себе си и да го одржуваме менталното здравје.

Дел од советите кои, можеби се секојдневни, но секогаш „вршат работа“ се спортот, опкружувањето со блиски луѓе, одмор кога ни е потребен, да си дадеме простор за себеси, да ги доживееме чувствата онака како што ни доаѓаат и да зборуваме за нив, да се дружиме, да се социјализираме со другите и да го правиме она во што уживаме и кое нѐ опушта.

Знам дека е време да посетам психолог доколку чувствувам интензивни промени во однесувањето, се чувствувам апатично, тажно, нерасположено, не сум функционален во секојдневната работа и учење и во некои случаи имам појави на различни посериозни симптоми. Тогаш е препорачливо да се посети психолог.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …